Емоциите да се тргнат настрана, а да се промовира рационалниот пристап во разговорите со Бугарија, е новиот концепт на македонското Министерство за надворешни работи.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека дебатата во првата фаза од дијалогот била премногу емоционална.

– Чувството беше дека во првата фаза дијалогот помеѓу нас и Бугарија беше премногу емоционален, со премногу емоции во него, сметавме дека треба да го смениме пристапот во однос на овој дијалог, да воспоставиме повеќе рационален пристап во овие разговори и продолжување на комуникацијата во темите за кои имаме повеќе разбирање – вели Османи.

Тој вели дека со финализирањето на акцискиот план ќе може да се свика новата седница на меѓувладината седница која произлегува од Договорот од 2017 година.

– Имавме размени во дефинирање на тој акциски план и сметам дека сме при крај за дефинирање на тој план – вели Османи.

Тој вели дека Акцискиот план е насочен кон соработка на линиските министерства кои ќе го подобруваат животот на луѓето од двете страни на границата.

Минатата меѓувладина седница се одржа во Бугарија, а овој пат домаќин ќе биде Македонија.