Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше одвоени средби со македонските членови во трите билатерални комисии, и тоа: во Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања со Грција, во Меѓународната група на експерти за имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци со Грција, како и во Заедничката мултидисциплинарна експертска Комисија за историски и образовни прашања со Република Бугарија.

–  Веќе подолг период, соочени со предизвиците од Пандемијата и последните парламентарни избори, од објективни причини се забави работата на комисиите. Имајќи ја предвид важноста на овие теми, нашиот приоритет за активен придонес во продлабочување на добрососедските односи, а во согласност со Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, очекуваме овие комисии да продолжат со работа, да имаме еден вид рестарт на нивните активности, и со тоа да се придонесе во надградбата на довербата – истакна Османи, упатувајќи благодарност до членовите не Комисиите за нивната досегашна работа и постигнатите резултати.

Министерот Османи посочи дека се преземаат сите потребни активности и подготовки во најскоро време на комисиите да им биде овозможено продолжат со работа, а што ќе биде предмет на координација со нашите пријатели од соседството.