Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како дел од засилената дипломатска активност а во контекст на европските интеграции на земјава, испрати писма до повеќе политички центри во рамките на ЕУ: министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ; претседателите на политичките групи во Европскиот парламент; членовите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент-АФЕТ како и до пратениците од ЕП, кои се дел од неформалната група на пријатели на Република Северна Македонија; како и до други претставници на институциите на ЕУ.

– Оваа година се одбележуваат 20 години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Северна Македонија и ЕУ и 16 години откако го добивме статусот на земја кандидат. Историската одлука од март минатата година, ЕУ да ги отвори преговорите за пристапување на Северна Македонија дојде како резултат на значајните достигнувања во реформите и храбрите одлуки што раководството и граѓаните на Северна Македонија ги донесоа како потврда на стратешката насока што ја избравме. Историскиот Договор од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија беа главната одредница и иницијална каписла што ги отвори вратите за европската иднина на Северна Македонија, но истовремено дадоа поттик и за сите земји од Западен Балкан – наведува Османи во писмата.

Понатаму, Османи пишува „усвојувањето на Преговарачката рамка и свикувањето на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија стана силна симболична точка кон која се вперени сите погледи на нашите граѓани и целиот регион, што ги издигнува до ниво на тест на кредибилитетот на ЕУ во однос на целиот Западен Балкан. Затоа, започнувањето на овој реформски фокусиран, методичен и навидум технички процес ќе испрати силен охрабрувачки сигнал до нашето општество и низ целиот регион, истовремено зачувувајќи ја строгата условеност воведена со новата методологија, која воведува посиленполитички надзор од страна на земјите членки и реверзибилност на процесот“.

Како што информираат од МНР, шефот на дипломатијата во периодов настапува со засилен ангажман и интензивна динамика која се огледува не само преку бројните посети низ главните метрополи на Европската унија, туку и преку други бројни иницијативи, користејќи ги сите можности за презентација на нашата приказна.

– Османи има јасна цел: Европскиот Совет во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција. Писмата испратени се надополнуваат во дипломатската офанзива на министерот Османи – се наведува во соопштението на ресорното министерство.