Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска ќе престојува во Анталија, за да учествува на состанокот на министри за надворешни работи на земјите членки Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Османи, во рамките на министерскиот состанок ќе има одвоена билатерална средба со домаќинот, министерот на Турција, Мевљут Чавушоглу, како и со министерот за надворешни работи во техничката Влада на Бугарија, Светлан Стоев.

Министрите, во рамките на овој регионален формат ќе дискутираат на тема: “Соседите од Југоисточна Европа заедно: Иднината на Европа”. Истовремено, како дел од агендата ќе биде и изнаоѓањето на нови начини за зацврстување на соработката помеѓу земјите на ПСЈИЕ и регионот, справување со последиците од пандемијата предизвикана од КОВИД-19, унапредување на регионалната кохезија преку јакнење на политичката и економската соработка, како и кон демократијата, владеењето на правото, слободната пазарна економија и почитувањето на фундаменталните човекови права како основни Европски вредности кои остануваат во фокусот на сите земји членки на ПСЈИЕ.