Ако има потреба, Бугарите ќе бидат споменати и во Уставот, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во синоќешното гостување во „Клик Плус“ на ТВ21.

Шефот на македонската дипломатија кажа дека нема резерва во однос на повторно отворање на уставот и вметнување на Бугарите како националност.

– Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот – вели Османи, додавајќи дека од Бугарија не е побарано Бугарите во Македонија да бидат споменати во Уставот како посебна етничка заедница.