Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека сѐ повеќе опаѓаат интересот на граѓаните за гласање и нивната доверба во политичарите. Зошто е тоа така?

На околу еден месец пред почетокот на уште една изборна година, во која ќе се одржат шестите по ред претседателски избори во земјава, и во време на политички турбуленции, најава за редовен циклус протести на опозицијата и превирања поврзани со спогодбата од Грција, сериозен процент од македонските гласачи ја губат довербата во политичарите и се незаинтересирани за гласањето. Ова се податоците на истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кои неодамна беа и јавно објавени.

Според последната анкета, 58,9 отсто од испитаниците биле против одржување предвремени избори бидејќи сметаат дека тие не се решение за политичките проблеми. На прашање, пак, поврзано со тоа за кого би гласале на наредните избори 21,3 процент од анектираните изјавиле дека нема да гласаат за никого, додека, пак, 15,4 изјавиле дека не знаат за кого ќе гласаат.

Натаму, она што е интересно во истражувањето е дека значаен дел од граѓаните односно 39,9 отсто од испитаниците изјавиле дека не му веруваат ниту на еден политичар.

Александар Кржаловски од МЦМС се осврнува на деталите во делот поврзан со гласањето на гласачите и со неговиот одзив, при што прави паралела и на резултатите од претходни анкети и на реалниот одзив на терен.

– Конечно, ова не е прашање за одзивот, кое и така тешко се проценува (дури и со едно или две посебни прашања само за тоа) и секогаш на анкетите процентите за одзивот се повисоки отколку што тоа се покажува во реалноста на самиот ден на изборите. На пример, на јулската анкета, 66 отсто од испитаниците изјавија дека ќе излезат на референдумот на 30 септември, на таа во август 58 отсто, со дополнителното прашање на истата анкета за веројатност за излегување на скала од 1 до 10, сепак МЦМС прогнозираше одзив од 46 отсто, а на крајот во реалноста се случи одзивот на референдумот да биде 37 отсто – смета Кржаловски.

Политикологот Милан Стефаноски, пак, вели дека Македонија има гласачи, и определени и неопределени, и разочарани и заплашени, и такви што по секоја цена ја избираат страната на посилниот, но има и еднакво незаинтересирани во сите етнички заедници.

Според него, ваквата инертност на гласачите најверојатно се должи на големите разочарувања што ги доживеале граѓаните за време на последните изборни циклуси, но и сите пред него.

Аналитичарот истакнува дека незаинтересираноста на гласачите во последно време најмногу можела да се забележи во резултатите од одзивот на референдумот поврзан со договореното од Мала Преспа со Грција.

– Ако најголемите партиите во државата по референдумот не сфатија дека народот сѐ помалку им верува, тогаш слободно може да се каже дека тие се во сериозна хипотетичка ситуација во која можат да бидат заменети со други партии, кои ќе имаат поголемо чувство да ги следат реакциите на гласачите, и за кои е сосема можно да се поверува дека можат да го заземат нивното место на домашната политичката арена – вели Стефаноски.

Тој резимира дека доколку партиите сакаат да видат голем одраз на изборите за идниот претседател на земјата, тогаш тие треба на големо да почнат да работат на терен и да ги мотивираат своите приврзаници и симпатизери да излезат и да гласаат за нивната опција.

Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“, која честопати го истражува јавното мислење во земјата на различни политички и општествени теми, вели дека е запознаен со ваквиот актуелен тренд во Македонија во кој гласачите од сите етникуми едноставно не им веруваат на политичарите, а тоа го покажуваат со фактот што тие не излегуваат на изборите да гласаат.

– Мислам дека ваквиот негативен тренд не е својствен само за Македонија туку тоа на моменти е еден глобален процес, а ние во овој момент и не сме толку лоши и покрај зголемената недоверба на гласачите кон политичарите – вели Дерала.

Дополнително, објаснува Дерала, ваквиот резултат на сѐ помалиот одзив на граѓаните на изборите индиректно се должи и на сѐ поголемиот број иселени луѓе од земјата, како и на огромниот избирачки список, кој треба комплетно да се прочисти.

Сепак, Дерала најголемиот проблем во ваквата состојба го наоѓа во фактот што граѓаните се разочарани од политичките елити во земјата бидејќи тие по изборите се однесуваат спротивно од она што го говореле за време на изборите и по изборите, политичките елити на не ги исполнуваат ветувањата.

– Јас сметам дека, за жал, ваквиот негативен тренд во иднина и натаму ќе продолжи во Македонија, а сето ќе се подобри во оној момент кога ќе исчезне демотивирачкиот фактор односно кога политичарите ќе почнат да дејствуваат поодговорно и во согласност со ветувањата во изборните кампањи – вели Дерала.