Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од понеделник ќе почнат да се издаваат лични документи со новото уставно име – Република Северна Македонија, потврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната седница за пратенички прашања во собранието.

– Моментно се врши миграција на податоци на новиот надграден систем, по што од понеделник почнуваме повторно со подготовка на издавање на сите документи кои што ќе бидат усогласени со Уставот, во делот на новото уставно име и со другите законски податоци – рече Спасовски, одговарајќи на прашање од пратеничката Ане Лашкоска околу немањето на обрасци за пасоши.

Министерот за внатрешни работи ги демантираше тврдењата дека нема обрасци за пасоши, наведувајќи дека постоел проблем само со дипломатските пасоши.