Комесарката за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес, во своја изјава за јавноста истакна дека е направен планот „да се редуцира хоспитализацијата и да се надмине долготрајното влијание на ковид-19“. Имено, според планот на Европската комисија, три нови лека против коронавирусот, со потенцијал за „промена на курсот“ на пандемијата, до октомври ќе добијат одобрение за масовно производство и употреба во рамките на ЕУ

ЕУ ќе ја исправа својата „грешка во чекори“ со вакцините

Еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес, изјави дека со новиот план на ЕК ќе се намали бројката на хоспитализации и ќе се надминат долгорочните последици. Европската комисија до октомври годинава ќе одобри за масовно производство и употреба во рамките на ЕУ три нови лека против коронавирусот, кои имаат потенцијал за „промена на курсот“ на пандемијата.
Веќе се обезбедени почетни 90 милиони евра за клинички испитувања, додека 40 милиони евра ќе им бидат доделени на производителите за драстично зголемување на производството. Сето ова со надеж дека до крајот на годината, листата со постојните три медикаменти за третман на ковид-19 би можела да биде дополнета со уште два нови.

Пет селектирани најефикасни лекови од листата со педесет и седум

Петте селектирани лека во кои ќе се инвестира и кои ќе бидат избрани од долгиот список со вкупно 57 кандидати, подготвен од страна на Европската агенција за лекови (ЕМА), ќе бидат целосно произведувани во земјите-членки на ЕУ.
– Идејата е да имаме европско производство. За таа цел, ние би ги резервирале фабриките за да може да покажеме дека, доколку има потреба, би можеле да го зголемиме производството во најкраток можен рок. Гледаме дека последиците од ковид-19 може да бидат долготрајни, па, така, заразените луѓе да имаат симптоми многу подолго одошто можеше да се очекува. Оттука, терапијата ќе игра многу значајна улога во нашиот одговор на ковид-19.
Лековите ќе помагаат во спасувањето животи и ќе го забрзаат времето на рехабилитација од болеста. Наша цел е до октомври да развиеме и одобриме три нови ефикасни лека против ковид-19 што може да имаат потенцијал за промена на текот на заразата, како и уште два други, што би требало да излезат на пазарот до крајот на оваа година – рече Киријакидес
Веќе постојат три лека што се под постојана опсервација од страна на ЕМА: комбинацијата од антитела на „Регенерон“, моноклонското антитело на јужнокорејскиот „Селтрион“ и моноклонските антитела од „Ели Лили“, кои понудија докази за намалување на ризикот од хоспитализација и смртност за дури 87 отсто.
И покрај тоа што лековите „Регенерон“ и „Селтрион“ немаат одобрение за пуштање во промет, земјите-членки на ЕУ веќе добија дозвола од ЕМА, со која можат да ги користат на пациенти што немаат потреба од кислород и се соочуваат со висок ризик за развој на тешка форма на болеста.
Коктелот од антитела на „Регенерон“ во ноември беше одобрен за итна употреба во САД, така што му беше аплициран на Доналд Трамп по неговото инфицирање со ковид-19. За неколку дена се очекува ЕМА да излезе со процена за четвртиот лек, „Сотровимаб“, произведен од страна на компанијата „Глаксо Смит Клајн“.

Стратегијата за вакцинирање во ЕУ била „успешна“?!

Еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес, изјави дека „програмата за вакцинација ја истакнала важноста на тоа да се биде подготвен за брзо зголемување на производството веднаш откако ќе бидат откриени новите успешни третмани“. На почетокот од годинава, протокот на вакцини беше отежнат, па дури и попречен поради проблем во снабдувањето, кога „Астра Зенека“ не беше способна да ги исполни своите обврски за испорака на сопствениот производ.
Сепак, пред некој ден претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, тврдеше дека стратегијата за вакцинирање во ЕУ била „успешна“, при што 25 отсто од ЕУ граѓаните веќе добиле прва вакцина.
Фон дер Лејен додаде дека по иницијалната претпазливост во однос на откажувањето од заштита на интелектуалната сопственост, прифаќајќи го предлогот на Џо Бајден, ЕУ сега е подготвена да разговара за ова прашање со Белата куќа.

Исто така, Европската Унија е подготвена на ефикасен и прагматичен начин да дискутира за секој предлог што се однесува на кризата. Затоа сме подготвени да разговараме и за тоа на кој начин американскиот предлог за откажување од заштита над интелектуалната сопственост за вакцините против ковид-19 би можел да биде од корист во остварувањето на зададената цел.
Но, сепак, на краток рок, ги повикуваме сите земји што произведуваат вакцини да дозволат непречен извоз и да избегнуваат мерки што создаваат застој во синџирите на снабдување – рече Лејен.
Европската комисија си постави цел – целосна вакцинација на 70 отсто од ЕУ-популацијата до средината на јули.
Би кажала оти сум претпазлив оптимист дека сме на добар пат, но сето тоа многу зависи и од поединечниот проток на вакцини до земјите-членки на ЕУ – изјави Киријакидес.