Фото: Игор Бансколиев

Голем дел од јавноста, анкетите за рејтингот на политичарите сѐ повеќе ги доживува како дел од предизборниот фолклор, повеќе наменет за внатрепартиски потреби и меѓупартиски надмудрувања отколку како кредибилна процена на политичкото расположение што може да придонесе за релевантна прогноза за исходот на изборите… Но кога и самите партии и политички чинители знаат дека е компромитирана довербата на јавноста во предизборните анкети, се поставува прашањето со која цел тие се нарачуваат и се спроведуваат

Анкетирањето и Анкетите како повод

Замислени и дефинирани со цел да се откријат вистинските потреби, размислувања и расположение на граѓаните, предизборните анкети т.е. истражувања на јавното мислење сѐ повеќе добиваат значење на вовед пред воведот на политичко-партиската битка пред избори. Од понеделник, 27 септември, и официјално започнува предизборната кампања за локалните избори во Македонија, кои треба да се одржат на 17 октомври, а веќе се случи една жестокa епизода на партиски престрелки поврзани со резултати од анкета за (пред)изборниот рејтинг на партиите, односно процена на шансите за победа на предложените кандидати за градоначалници и на советничките листи. Престрелките во однос на резултатите од анкетата стигнаа до највисоко партиско ниво, меѓу лидерите на најголемите опонентски партии, а во најбрз можен рок, како „контрамерка“ во јавноста беа лиферувани и други анкети со сосема спротивни резултати на истите прашања.
Голем дел од јавноста, анкетите за рејтингот на политичарите сѐ повеќе ги доживува како дел од предизборниот фолклор, повеќе наменет за внатрепартиски потреби и меѓупартиски надмудрувања отколку како кредибилна процена на политичкото расположение што може да придонесе за релевантна прогноза за исходот на изборите. Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС, организација што повеќе од 25 години се занимава и со релевантни истражувања на јавното мислење, смета дека сѐ почестото објавување на, очигледно, некредибилни анкети е „уште едно отсликување на неподносливото ниво на аматеризам, јавашлак и ниски стандарди, и од партиите, и од одредени медиуми“.

– За жал, продолжува лошата практика на објавување некредибилни анкети (или од такви агенции) на јавното мислење за рејтинзите на политичките партии. Кога и да се појави каква било анкета дека ја фаворизира едната од водечките партии (СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ) истиот ден се објавува и друга со спротивни резултати. И најчесто тоа е наводно од организации/агенции што воопшто немале такво искуство претходно (пр. Организација за граѓански активизам и независност). Бидејќи МЦМС повеќе од 25 години нарачува анкети за многу прашања, а меѓу другото и за рејтинзите на партиите, веднаш се обидов да ги побарам за да ги ангажирам – но ниту најдов што било за нив на интернет, надвор од резултатите од (пак ќе речам – „наводнава“) анкета, ниту некаква адреса или барем мејл или телефон за да контактирам со нив, а ги нема ни во Централен регистар – односно субјектот – НЕ ПОСТОИ. Затоа е и срамота што воопшто такви работи се објавуваат, особено за медиумите и новинарите што не проверуваат ни вакви елементарни работи – вели Кржаловски.
Според Кржаловски, ваквата зачестена практика на објавување некредибилни истражувања на јавното мислење ја релативизира довербата на јавноста и кога станува збор за реални анкети, а им прави и штета на агенциите што професионално и според стандарди со години работат истражување на јавното мислење.
– Слично, првичната анкета, која го „отвори случајот“, беше од „Брима“. Во некои објави се реферираше на „Брима Галуп“, а „Брима“ одамна ја нема франшизата на „Галуп“ како што беше порано. Понатаму, за нив барем има податоци во Централен регистар, а и контакт-податоци, но ако се обидете да кликнете на линкот www.brima.com.mk ќе завршите на веб-сајтот Кантар?!? Со други зборови, уште едно отсликување на неподносливото ниво на аматеризам, јавашлак и ниски стандарди (или без какво било чувство за стандарди) и од партиите и од новинарите, што веќе подолго време ја влече целата држава сѐ подолу.

Значи, излегува дека ниту еден од новинарите/медиумите што ги објавија овие наводни анкети, не ни провериле на интернет дали самата агенција ги објавила на својата веб-страница тие резултати, а уште помалку се обиделе да контактираат со нив за појаснување на резултатите.
И како да им се верува на такви анкети? А тоа однесување им прави штета на кредибилните агенции и реалните анкети што ги прават, како на пример „Рејтинг“, ИПИС (Институтот за политички истражувања – Скопје) или „М-проспект“ (за кои ние правиме компаративни анализи од 2011 г., кои се достапни на веб-сајтот на МЦМС, па низ годините се докажале како кредибилни). И знаеме дека и партиите се обраќаат кај нив за да добијат реални податоци, но не ги објавуваат (што е чудно, особено кога се поволни за нив…, а за некого мора да се поволни – нели)! – констатира Александар Кржаловски.
Кога и самите партии и политички чинители знаат дека е компромитирана довербата на јавноста во предизборните анкети, се поставува прашањето со која цел тие се нарачуваат и се спроведуваат. Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека предизборното мерење на рејтингот е повеќе од причина за подигнување на внатрепартискиот морал пред изборното соочување, односно за охрабрување на сопствените кандидати.
– Сѐ повообичаено, партиите си нарачуваат анкети со резултати какви што сакаат да добијат. Всушност, тие ги имаат реалните резултати од истражувањата спроведени од агенциите што ги ангажирале (со предвидената статистичка грешка), но го пласираат во јавноста оној дел од истражувањето што им одговара за целта што во моментот сакаат да ја постигнат. Некогаш тоа е начин на влијание врз јавноста, некогаш се употребуваат за претставување пред спонзорите, а кога сериозно наближуваат избори, анкетите се алатка за мобилизирање на приврзаниците и за подигнување на партискиот морал, како на своите кандидатите и своето членство. Притоа, морам да напоменам дека тоа не се лажни, непостојни анкети, туку, да речеме, тие се изработуваат не сосема според стандардите.

На пример, истражувањата се прават врз познат репрезентативен примерок, каде што може да се предвидат одговорите на анкетираните – вели Синиша Пекевски и додава дека таквите анкети сѐ повеќе ќе ги има како што наближуваат изборите. Сепак, тој забележува дека без оглед на резултатот по изборите, колку и да не се совпаѓа со оној од анкетите, речиси никој не ги споменува предизборните истражувања на јавното мислење.
– Тоа наведува на заклучок дека веројатно постои премолчен договор меѓу нарачателите (партиите) и агенциите што ги спроведуваат анкетите за испорачаните резултати, па никој никому не му се лути, ниту бара споредба на предвидените со реализираните резултати – заклучува политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.