ШТО ДОНЕСЕ СРЕДБАТА МЕРКЕЛ – ЗАЕВ

Според перцепцијата на премиерот Заев, тој добил ветување дека Бундестагот во септември ќе даде зелено светло за почеток на македонските преговори со ЕУ и честитки за постигнатите резултати на Владата. Во соопштението, пак, од кабинетот на германската канцеларка нема ниту збор за ЕУ-перспективите на Македонија

Вчерашната средба во Берлин меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и македонскиот премиер Зоран Заев, која во земјава беше најавувана како клучна пред самиот на ЕУ наредната недела, заврши со уште едно одложено ветување од Германија за доделување на датум на Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Според перцепцијата на премиерот Заев, тој добил ветување дека Бундестагот во септември ќе даде зелено светло за почеток на македонските преговори со ЕУ и честитки за постигнатите резултати на Владата. Во соопштението, пак, од кабинетот на германската канцеларка нема ниту збор за ЕУ-перспективите на Македонија. За средбата се информира под наслов „Зацврстување на стабилноста на Балканот“ и се наведува дека на разговорите, освен за билатералните односи, станало збор и за надворешно-политички и европски прашања. Покрај тоа, од кабинетот на Меркел наведуваат дека „Германија, заедно со Франција поставила цел да ја зацврсти стабилноста на балканскиот регион. Важна компонента во таа насока беше надминувањето на спорот за името Македонија.“

За да ги започне Македонија преговорите за членство, неопходно е секоја земја-членка од ЕУ да даде согласност, односно тоа да биде изгласано во домашните парламенти. Досега како камен на сопнување во евроинтегративните амбиции на земјава најмногу беа посочувани Франција и Холандија и нивната резервираност кон проширувањето на Унијата. Сепак, холандскиот парламент во средата вечерта, на 12 јуни, изгласа резолуција со која се бара од владата на премиерот Марк Руте да не поддржи почеток на пристапни преговори за ЕУ со Албанија, но ја отфрли истата ваква резолуција за Северна Македонија, што ја предложи опозициската Социјалистичка партија. Ваквиот потег може да се толкува како порака од холандскиот парламент до владата дека во Советот на ЕУ може да поддржи старт на пристапни преговори со Македонија, но не и во пакет со Албанија.

Но сега се појави нова пречка – Германија. На Владата на Ангела Меркел ѝ е неопходно зелено светло од Бундестагот за да одобри почеток на преговорите, но пратениците од нејзината ЦДУ се спротивставуваат. Тие тврдат дека им треба повеќе време за дебата. По средбата Меркел – Заев веќе е извесно дека германскиот парламент ќе го разгледува извештајот на ЕК за Македонија, на крајот од септември.

Во меѓувреме останува отворено прашањето каков заклучок ќе добие Македонија на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, предвиден за 18 јуни, кога точката ќе се најде на дневен ред пред министрите на земјите-членки, но сѐ поизвесно е дека овој јуни (па ниту јули, кој се наведуваше како можност за организирање на посебен самит на лидерите од земјите -членки на ЕУ, на кој би можела да помине одлуката за Македонија), земјава нема да го добие ветениот датум за почеток на преговорите со Унијата.

Премиерот Заев во неколку наврати најави дека ако летово не се добие датум за почеток на преговорите, можни се неколку сценарија за политичките процеси во земјава. Но во владиното соопштение за резултатите и пораките од средбата во Берлин нема никакви информации за понатамошните чекори што ќе ги преземе Владата, во случај да не се добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.