„Одново сега знамето се вее, на Крушевската Република! Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“ Ова е строфата од македонската национална химна што досега веќе вторпат се заборава да се испее на два различни настани. Како е можно две идентични грешки да им се случат на две различни интерпретаторки и притоа и двете да ја заборават токму оваа строфа, во која се воспеваат македонската историја и македонските херои? Јавноста и во двата случаја остро реагираше, сомневајќи се на можна политизација и заднина во настаните, иако пејачите тврдат дека станува збор за ненамерни грешки

Низа сомнежи по Импровизациите со заборавање на државната химна?

Импровизации, несериозност во пристапот или, пак, инсценирани инциденти. На што се должат грешките во интерпретацијата на државната химна? Оваа дилема се појавува откако беа забележани два идентични пропусти при изведување на химната од македонски пејачки на два различни настани. Јавноста и во двата случаја остро реагираше, сомневајќи се на политизација и заднина во настаните, зашто вакви случаи не се случуваат во другите земји, иако пејачите тврдат дека станува збор за ненамерни грешки.
За време на протестот „Правда за уставобранителите“, кој се одржа во саботата пред Собранието, меѓу другите на сцената настапи и македонската пејачка Нина Јанева, која при изведбата ја згреши македонската химна.
Слично како и пејачката Тамара Тодевска, која ја згреши химната пеејќи на прием во американската амбасада во Скопје по повод 4 Јули, и Нина ја испушти втората строфа во која се пее за македонските револуционери: „Одново сега знамето се вее, на Крушевската Република! Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“ Како е можно две идентични грешки да им се случат на две различни интерпретаторки и притоа и двете да ја заборават токму строфата во која се воспеваат македонската историја и македонските херои?
Социологот Илија Ацески вели дека постојат две причини зошто се случуваат вакви ситуации со грешење на химните при изведба на пејачите.

– Едната е дека во тој момент изведувачот под емотивен или психолошки притисок може да потфрли и да му се случи непријатна ситуација, а втората е тоа да е инсценирано. Можно е така да се тестира колективното јавно мнение, да видат како ќе реагираме ние. Затоа сево ова навидум изгледа едноставно, но сепак не ја исклучува можноста да биде инсценирано. Не сум чул за вакви искуства во други земји – посочува Ацески.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, смета дека од ваквите ситуации не треба да се прави генерална теорија на заговор.
– Се работи за грешка од трема. Тоа го мислам за Нина, а истото го мислев и за Тамара. Не верувам дека некој изведувач во Македонија, во момент кога сите очи се вперени во него и ја пее химната, ќе направи нешто за услуга на некој друг – заклучува Арсовски.
По настанот, Јанева посочи дека иако во прв момент публиката реагирала бурно и негативно, веднаш штом таа побарала да ја препее химната, станало јасно дека се работи за грешка.

– Илјада химни имам испеано, а првпат згрешив. Два дена плачам од разочараност од себеси. Не знам што да кажам, оправдан е револтот од народот, но добивам огромна поддршка од целата дијаспора – вели Јанева.
Социјалните мрежи деновиве се преплавени со коментари што ги споредуваат пропустите на двете пејачки, Нина и Тамара.
– Ретко кој знае дека Ченто ми е најдобар другар. Ги видов неговите родители во втор ред и борбата беше фокус меѓу текстот и солзите. Патем прв и последен пат грешам химна во животов, ама емоцијата е посилна од сè. Фала на поддршката на сите, сите коментари држат вода и се оправдани. Темата е многу чувствителна, оправдување нема! Човек од месо и крв – додава Јанева.
По грешката, Тамара Тодевска беше силно критикувана од јавноста. По јавното извинување на својот фејсбук-профил, таа на телото ја истетовира строфата од химната што ја заборави.

[email protected]