Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ja информира јавноста дека донел одлука за одложување на конгресот закажан за 28 март во Скопје.

Како што велат од Оборот, ваквата одлука е донесена поради влошената епидемиолошка состојба и доцнењето со техничките подготовки.

– Навремено ќе ги информираме делегатите и јавноста откако ќе се утврди новиот термин – се наведува во краткото соопштение во врска со одлагањето.

Иницијативниот одбор претходно побара оставка на лидерот на партијата Христијан Мицкоски и избор на ново раководство преку вонредниот конгрес.

Во Одборот членуваат дел од поранешните високи функционери и истакнати членови на партијата, а ова тело на 10 февруари донесе одлука да закаже вонреден конгрес за 28 март.

Според членовите на Иницијативниот одбор, тие успеале да обезбедат поддршка од мнозинството делегати кои гласале на конгресот кога Христијан Мицкоски беше избран за претседател.

Од друга страна, пак, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Централниот комитет на партијата за ваквата иницијатива заседавал уште пред неколку месеци и едногласно донел одлука таа да биде отфрлена.

Официјалната одлука на ВМРО-ДПМНЕ е за одржување редовен конгрес на партијата на крајот на месец ноември.