Поради пандемијата, некои од младите, сепак, сакаат да почекаат крунисувањето на љубовта да го направат на стариот и традиционален начин, кога нема да мора да се користи заштитна опрема. А како ќе биде во иднина никој не може да претпостави, но, според психологот Мирјана Јовановска Стојановска, ништо повеќе нема да биде како порано и ќе мора да се одвикнеме од старите и традиционални начини на склучување брак и правење свадбени веселби со огромен број луѓе

Пандемијата ги запира младите во одлуката да стапнат на „лудиот камен“

Пандемијата на коронавирусот дефинитивно влијаеше на одложувањето на веќе закажаните термини за склучување брак, особено на почетокот. Ова го потврдуваат и од Управата за водење матични книги, од каде што соопштуваат податок дека дури 70 отсто од закажаните склучувања брак биле откажани токму поради пандемијата.

Склучување бракови и на терен и во матично

Посебните мерки и протоколи што сега се применуваат во просториите на матичните служби и во угостителските објекти натераа некои од младите, сепак, да почекаат крунисувањето на љубовта со потпис во матичната евиденција на склучени бракови да го направат на стариот и традиционален начин, кога нема да мора да се користи заштитна опрема. А како ќе биде во иднина никој не може да претпостави, но, според психологот Мирјана Јовановска Стојановска, ништо повеќе нема да биде како порано и ќе мора сите да излеземе од старите и традиционални начини на склучување брак и правење свадбени веселби со огромен број луѓе.
– Со повторно склучување бракови почнавме некаде кон крајот на јули, кога почна и склучувањето бракови во матичните канцеларии според сите претходно предвидени протоколи. Во принцип, минатата година имавме 2.650 склучени брака на терен, бидејќи двојките добија можност за венчавки надвор од службените простории, односно на отворено. Ако оваа година беше нормална година и немавме пандемија, тогаш веројатно досега ќе имавме склучено од 1.000 до 1.100 брака. За жал, пандемијата промени многу работи, не само кога се во прашање венчавките туку и свадбените веселби. Досега се склучени околу 250 брака на терен, а, секако, имаме и по матичните канцеларии.

Штом дојдат двојките да закажат венчавка, веднаш им даваме протоколи, за да знаат дека во службената просторија може да присуствуваат само сопружниците, двајцата сведоци и матичарот, односно вкупно шест лица, со комплетна заштитна опрема, маски, ракавици, користење средства за дезинфекција, дистанца. Бидејќи протоколите налагаат матичарите да излегуваат надвор, доколку венчавката е во куќа со двор, тогаш треба да има максимум 50 луѓе, нема жива музика, нема ора. Ако венчавката е закажана во угостителски објект, тогаш за протоколите се одговорни од самиот објект. Дефинитивно, ковид-19 ги одложи венчавките и поради сите пропишани мерки и протоколи младите закажуваат веселби најмногу со дваесетина луѓе. Изводи на родените и лични карти се документите што им се потребни за да закажат венчавка и можам да кажам дека септември е преполн и веќе не се гледа кој ден е во неделата – објаснува Катерина Битровска, портпаролка од Управата за водење матични книги.

Каков е ставот на психолозите за свадбените веселби

Психолозите велат дека и кога е во прашање склучувањето бракови, па и за веселбите, сите мора да се приспособиме на актуелната состојба.
– Склучувањето бракови и веселбите се различни од она што беше порано, секако поради пандемијата. Но мора да размислуваме позрело и да се приспособиме на актуелниве состојби. Ако сме разумни суштества, тогаш нашиот разум ќе ги прифати тие нови адаптабилни состојби, за да се справиме сите заедно со ова. Ќе мора да излеземе од традиционалните начини, а младите имаат шанса да го направат тоа, да склучат брак во службената просторија со ограничен број луѓе, надвор да ги чекаат уште дваесетина на отворено и да појдат потоа на некое место со отворен простор. Зарем немаме и досега примери кога двојките не можеле да најдат погодно време, па најпрвин го регистрираат бракот, а потоа по некое време ја прават свадбената веселба. Ќе мора сите, не само младите, со повеќе разбирање да пристапат кон овие новонастанати услови, а со тоа младите никому не прават инает, туку се сакаат и едноставно ја регистрираат брачната заедница. Од нас се очекува да излеземе од традиционалните начини на размислување, бидејќи условите сега се такви и не може да се турка на вратата за да се земе невестата. Треба да се приспособуваме на она што ни го носи животот и не треба да бидеме во очај. И јас си ја сакам традицијата, но јасно е дека нема да живееме како претходно и мора да бараме нови вредности – вели психолог Мирјана Јовановска Стојановска

Државниот завод за статистика евидентира склучени бракови, но и разводи…

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2020 година бројот на склучените бракови е намален за 17,1 отсто во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 2 229 брака. Во ова тримесечје се добиени 297 извештаи за разведени бракови. Најмногу склучени бракови, 456, секако има во Скопје, каде што има и најмногу 63 разведени бракови. Гледано по скопските општини, најмногу бракови, дури 81, биле склучени од општината Сарај, а најмалку, само 27, во општината Центар. По Скопје, најмногу бракови во овој период, дури 166, биле склучени во Тетово.
Најмалку разведени бракови, односно само еден, има во скопската општина Бутел. Пошироко гледано, во земјава во овој период нема ниту еден разведен брак во општините Битола, Вевчани, Градско, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Зрновци, потоа скопските општини Илинден и Петровец, Карбинци, Крива Паланка, Крушево, Липково, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Новаци, Пехчево, Пласница, Ранковце, Старо Нагоричане, Центар Жупа и општина Чашка.

Но од март, кога пандемијата на коронавирусот го промени начинот на живот на граѓаните во земјава и тие почнаа да живеат во едно таканаречено ново нормално, се променија многу нешта, па и условите за склучување бракови. Животот во затворен простор, полициските часови и забранетото движење влијаеја на многу нешта, па и на браковите.
Податоците од Државниот завод за статистика зборуваат дека во второто тримесечје од годинава бројот на склучените бракови е намален за 66,5 отсто во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 1.147 брака или речиси за половина помалку од првото тримесечје во 2020 година. Во ова тримесечје се добиени 181 извештај за разведeни бракови, значи многу помалку од првото тримесечје.

Во овој период во главниот град има склучено само 291 брак, а разведени биле 54 брака. И во овој период од годинава има општини каде што воопшто нема склучени бракови и општини каде што нема ниту склучени ниту разведени бракови, но само со по еден склучен брак се издвојуваат општините Демир Хисар, Дојран, Ново Село, Пехчево, Росоман и Старо Нагоричане.