Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општина со најголем одзив и до 17 часот е Вевчани каде што на гласање веќе излегле 75,6 отсто, а се уште најмал одзив има Сарај со 23,41 отсто. До 17 часот на гласање во вториот круг од локалните избори излегле 42,85 отсто од запишаните гласачи, соопшти попладнево портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Љупка Гугуческа.

Одзивот за град Скопје до 17 часот е 39,99 отсто, односно по оштини – Бутел 36,65 отсто, Гази Баба 38,18 отсто, Ѓорче Петров 40,76 отсто, Карпош 39,9 отсто и Шуто Оризари 27,48 отсто.

Гугуческа попладнево соопшти дека биле поднесени вкупно 433 приговори од кои 378 се прифатени, 34 се одбиени, а 21 лице кое поднело приговор, било најдено во Избирачкиот список.

Во сите досегашни пресеци одѕивот во вториот круг беше поголем отколку во првиот круг. До 17 часот во првиот круг гласале 40, 98 отсто од запишаните гласачи.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски, во претходните пресеци рече дека очекува граѓаните помасовно да излезат на гласање во последните два часа до затворањето на гласачките места во 19 часот. Тој најави продолжување на гласањето на неколку места на кои прекините беа подолги од еден час.