Вчера, 20 септември, на Денот на пензионерите во нашата земја, со пригодна свечена седница, Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија ја одбележи 75-годишнината од пензионерското организирање.
На Свечената седница присуствуваше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој во своето обраќање им го честита големиот јубилеј, потенцирајќи дека пензионерите добиваат почит што ја заслужуваат за сето она што го направиле за нашата земја. Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова, се заблагодари на честитките на високите гости, особено на претседателот на Владата, Зоран Заев, кој секогаш наоѓа време да присуствува на пензионерските настани. Потоа претседателката Трајкова поднесе реферат, во кој беа нагласени активностите на Сојузот во изминатиот период, со акцент на последните години, и им врачи плакети на премиерот Зоран Заев, на министерката Јагода Шахпаска и на директорката на ФПИОСМ, Билјана Јовановска, за особен придонес во развојот на пензионерското организирање во нашата земја. На свечената седница по повод големиот пензионерски јубилеј имаше и пригодна културно-уметничка програма. Во рамките на одбележување на 75-годишнината на Сојузот ќе се одржи и јубилејната спортска пензионерска, 25-та по ред Олимпијада, на 29 септември во Велес.
По повод големиот пензионерски јубилеј, Сојузот доби честитки од Сојузите на пензионери на државите од опкружувањето, како и честитки од многу институции, организации и медиуми. К.С.А.