Основниот суд Скопје 2, Нотарската комора и Комората на медијатори со низа активности го одбележаа Европскиот ден за граѓанска правда.

Основниот суд Скопје 2 организираа отворен ден за граѓаните во свечената сала Врховниот суд на РМ, со цел тие да се запознаат со начинот на остварување на нивните права во судските постапки.

– Нашата мисија е владеење на правото, ефикасна и достапна правда за сите граѓани, изјавија од Судот.

И Нотарската комора на Република Македонија се приклучи во одбележувањето на Европскиот ден за граѓанска правда преку организирање отворен ден во сите нотарски канцеларии низ државата.

По повод Европскиот ден за граѓанска правда, Комората на медијатори на РМ во заедничка соработка со Институтот за Европска Политика (ЕПИ) и Центарот за правни истражувања и анализи, организираше промотивен настан за медијација на отворено, во непосредна близина на Дом на АРМ во Скопје.

Заинтересираните беа информирани за процедурите, предностите и придобивките од примена на постапката на медијација во решавање спор како и за улогата на медијаторот, преку непосредни разговори со медијаторите: Љупчо Сотироски, Бранко Ушковски, Роза Алексова, Дејан Белевски, Славе Младеновски, Илија Манасиев, Гордана Атанасова, Надежда Неделковска, Маја Ристовска Стојановска и Ирена Цветковска, како и од претставниците на Институтот за Европска политика и Центарот за правни истражувања и анализи.