Фото: Игор Бансколиев

Во општествен амбиент исполнет со закани по националниот идентитет, оправдана е секоја индивидуална или колективна реакција на дразби насочени кон распарување на сврзувачкото ткиво на нацијата. Македонскиот јазик недвосмислено е најсилното кохезивно ткиво на македонското постоење и идентификација на македонскиот национален супстрат низ времето. Затоа прашањето какво е значењето на посебноста на постоењето на македонистичките катедри на Филолошкиот факултет има покомплексна тежина и треба да се држи далеку од дневнополитичко поентирање

Македонистичките катедри од стратегиско значење за македонизмот

Од спротивставената и на моменти обвинувачка дебата, предизвикана од изјавата на загриженост на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, од можноста за претопување на катедрите за македонски јазик и за литература во еден нов поопшт концепт на студии, во кој наводно требало да се реформираат студиските програми на Филолошкиот факултет при УКИМ, речиси секојдневно произлегуваат нови детали. Во дел од јавноста, претседателот на Академијата дури беше и обвинет за ширење лажни вести, откако деканката на Филолошкиот факултет и професорите од Катедрата за македонски јазик објавија реакција дека не постојат докази за какви било намери за укинување на овие катедри, како и своевидна гаранција дека тоа нема да се случи во (блиска) иднина. Потоа и академикот Коцарев јавно изрази задоволство што „неговите стравувања биле неосновани“, но во друг дел од јавноста истапот на претседателот на МАНУ беше оценет како потег што ги разоткрил намерите, па дури и ја запрел процедурата за укинување или за претопување на македонистичките катедри на Филолошкиот факултет. Освен на конвенционалните медиуми, каде што дебатата главно се одвива преку официјални изјави, оваа тема предизвикува уште поактивна расправа на социјалните мрежи. Во таа расправа на социјалните мрежи, преку автентично сведоштво на професорка од Филолошкиот факултет, се наведуваат информации дека уште пред речиси една година од деканката бил подготвен и потпишан документ со кој требало да започне процедурата за трансформација и реакредитација на студиските програми на Филолошкиот факултет.

Со оглед на фактот дека оваа информација е произлезена од објави на социјалните мрежи, сѐ уште ја има формата да биде „прифатена“ како шпекулација. Но исто така е објавено и дека е започната процедура со која се бара од Дирекцијата за пристап до јавни информации, како и од Вишиот инспекторат за образование „јавно објавување на документот“, кој би претставувал своевиден доказ за постоење намера за трансформација на студиите на Филолошкиот факултет што предизвика загриженост за претопување и обезличување на посебноста на националните катедри.
Причината што оваа тема за навидум програмско-техничка реформа на Филолошкиот факултет го испровоцира интересот на јавноста и предизвика бурни спротивставени реакции, во голема мера се должи на политичко-образовниот контекст во Македонија, за кој во дел од јавноста се добива впечаток како да постои тенденција на маргинализирање, потиснување заради некакви компромиси, па и затскривање на македонската идентитетска посебност. Општ и гласен е впечатокот во голем дел од јавноста дека овие тенденции во образованието се спроведуваат заради исполнување на обврските од договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција. И покрај амбивалентноста на потезите наспроти изјавите на политичарите од власта дека „за идентитетот и јазикот не се преговара“, сите активности претставени како „образовни реформи“ во македонската јавност предизвикуваат сомнеж дека се во насока токму на релативизирање на историската посебност на македонскиот народ и оспорување на автентичноста на македонскиот јазик. Од активирањето на уцените на Бугарија со признавањето на „бугарските корени на македонското постоење“, како услов за поддршка на македонските евроинтеграции, прашањето за значењето на сѐ што е поврзано со зачувување на македонската суштественост, се чини се претвори во постојан предизвик на секојдневието во јавниот дискурс.

Во таков јавно-општествен амбиент исполнет со притисок од закана за зачувување на националниот идентитет, како оправдана се доживува реaкцијата на загриженост на секој процес што навестува дополнително омаловажување на значењето на одреден национален столб. Македонскиот јазик, пак, недвосмислено е носечкиот столб на македонското постоење и идентификација низ времето, а констатацијата на Блаже Конески за „јазикот како последната татковина на Македонците“ се покажува дека не е само поетски изблик, туку сѐ повеќе реалност што треба да се зачува и заштити. Затоа прашањето какво е значењето на посебноста на постоењето на македонистичките катедри на Филолошкиот факултет има покомплексна заднина од дневнополитичко поентирање.
– Поставувањето на прашањето за значењето на посебноста на постоењето на катедрите за македонски јазик и македонска литература на Филолошкиот факултет при УКИМ, е како да поставуваме прашање дали треба да нѐ има или да нѐ нема. Значењето на овие катедри е круцијално, зашто се најстарите катедри на Универзитетот и го претставуваат неговиот зародок во 1946 година. Тоа се катедри со кои започнува педигрето на македонската наука и култура.

Освен тоа, овие катедри имаат и стратегиско значење, поврзано со постоењето на македонските лекторати низ светот. Тие се огништето на ширењето на македонскиот јазик и култура низ светот. Со нивно евентуално претопување преку преструктурирање на студиските програми, се доведува во прашање опстанокот на целата стратегија за афирмација на македонскиот јазик и култура низ светот. Секаква иницијатива за сведување на овие катедри на рамниште на студиите на други (па и светски) јазици значи претопување на посебноста на македонскиот јазик и стратегиска грешка за опстојувањето и афирмацијата воопшто на Македонија и македонскиот народ – вели академик Витомир Митевски, член на Одделот за лингвистика при МАНУ.