Фото: Дарко Андоновски

Што е она што вистински и реално може да се каже, се разбира и да се стори, од страна на кандидатите, без притоа да се даваат стандардни нереални ветувања и лажни надежи?! Суровата реалност ги направи граѓаните политички апатични, дури и нетрпеливи. Тие веќе на прва препознаваат што е блеф и невистина. Нивниот праг на толерантност е во значителен пад. Во вакви околности, кандидатите ги чека сериозно тежок предизвик и испит пред граѓаните на претстојните избори

Кои се вистинските теми што ќе ги одберат политичарите за изборите, а што нема да биде веќе слушнато и здодевно за граѓаните? Што е тоа што не е речено, иновативно, ново и интересно, кое во себе ќе го содржи во прв ред поширокиот граѓански и јавен интерес, без притоа да се навредува, клевети, сегрегира и оцрнува по партиска формула? Што е она што вистински и реално може да се каже, а и да се стори, од страна на кандидатите, без притоа да се даваат стандардни нереални ветувања и лажни надежи, бидејќи суровата реалност ги направи граѓаните политички апатични, дури и нетрпеливи. Во таквиот контекст следува многу непредвидлив предизборен амбиент креиран од граѓаните, каде што одбраните теми и искажаниот збор може да бидат и адут и шут-карта.

Овие дилеми се актуелни во домашната јавност, во период кога Македонија се подготвува да излезе на десеттите парламентарни избори, а за термин е одреден 12 април, за кој консензуално се договорија седум лидери на партии од македонскиот и од албанскиот блок во парламентот.

Во сублимиран заклучок, аналитичарите со кои се консултиравме се согласни дека овие избори се специфични по многу нешта во споредба со сите минати изборни циклуси, иако тие ќе се одржат без најавените суштински промени како спроведувањето на пописот, измените во Изборниот законик и реформите на избирачкиот процес, во кој се најавуваа можности за гласање со отворени листи и гласање во една изборна единица.

Според познавачите на проблематиката, оваа изборната трка, која индиректно е во тек дури и пред официјалното закажување на изборите, ќе биде своевиден маратон на кој партиите ќе треба да ловат гласачи со давање опции за решавање вистински проблеми, а не преку продавање приказни за евроатлантски аспирации.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека овие избори ќе се разликуваат суштински по многу нешта од претходните.
– Тематски верувам дека една половина од говорите на политичарите ќе биде концентрирана на социјални прашања, на економијата, реформите, загадувањето и слично, а другата половина ќе бидат фокусирана на прашања поврзани за правецот во кој ќе се движи земјата во иднина – вели Арсовски.

Според аналитичарот, иако е суштински рано, сепак во овој период може да се очекува дека СДСМ ќе им докажува на гласачите дека земјата ќе се движи по истиот пат кон ЕУ и кон НАТО, а од друга страна ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе го проблематизира курсот, односно брзината со која се водат државните политики од актуелната власт.
Аналитичарот Милан Стефаноски, пак, истакнува дека неофицијалните кампањи на партиите веќе се во тек и доколку се погледнат нивните средби со граѓаните ќе се забележат евидентните разлики во правец на тоа што сака секоја партија да му понуди електоратот.
– Власта, верувам дека е помалку креативна од опозицијата и сите говори и теми најчесто се сврзуваат со евроатлантскиот пат, кој во овој момент заврши во смисла на тоа дека со сигурност ќе станеме членка на НАТО, а од друга страна сонот за ЕУ останува да биде далечна желба. Па оттука јас верувам дека коалицијата на СДСМ дополнително ќе треба да се ребрендира во овој период доколку сака да победи на овие избори.

Од првичните спотови, кои веќе почнаа да се вртат по социјалните мрежи, впечаток е, како власта ќе инсистира на улогата на жртва во геополитиката, повторувајќи дека станува збор за историска грешка на Европа. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ дејствува тематски поорганизирано од противникот. Нивната кампања разработува одредени тематски социјално-економски проблеми, но сепак и кај нив солиден дел од просторот се одвојува на прашањата од надворешната политика – вели Стефаноски.
Тој прогнозира дека она што е интересно за овие избори е фактот што партиите сега навистина ќе треба да се променат во смисла на тоа што тие ќе им го понудат на гласачите, затоа што вечните теми за движењето на земјата во одреден правец во овој момент се целосно исцрпени и тешко дека со таа приказна ќе можат да добијат многу гласови.

Фото: Игор Бансколиев