Фото: Маја Јаневска-Илиева

Корисници на проектот „Услуги за помош и нега во домот“ ќе бидат стари лица со навршени 65 години што не можат да се грижат за себе, лица со најтешка попреченост, односно со комбинирана попреченост со највисок степен, слепи лица што не можат да се грижат сами за себе и да водат независен живот во заедницата. За корисниците на овие услуги, на кои Центарот за социјална работа ќе им издаде решение за користење на услуга, истата таа ќе биде бесплатна. Социјалната услуга ќе биде платена од страна на Министерството за труд и социјална политика

Министерството за труд и социјална политика ги унапредува социјалните пакети во повеќе општини

Со проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика беа обучени 300 негуватели за нега на 900 стари лица. Корисници на услугите помош и нега во домот ќе бидат стари лица со навршени 65 години што не можат да се грижат за себе, лица со најтешка попреченост, односно со комбинирана попреченост со највисок степен, целосно слепи лица што не можат да се грижат сами за себе и да водат независен живот во заедницата. Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, во зависност од општината во која се дава услугата, различен број и целни групи се опфатени. Услугата ќе ја добијат оние лица што ќе ги исполнат условите во согласност со Законот за социјална заштита и Правилникот за начинот и обемот на социјалните услуги, нормативите и стандардите за давање на социјалните услуги помош и нега во домот, врз основа на кои постапуваат стручните лица од Центарот за социјална работа, општините и давателите на услугите. Корисниците на кои Центарот за социјална работа ќе им издаде решение за користење на услуга нема да плаќаат ништо.
Социјалната услуга ќе биде платена од страна на Министерството за труд и социјална политика, во согласност со одлуката за утврдување цени за социјални услуги, која се донесува на годишно ниво. За услугата помош и нега во домот се плаќаат 250 денари од час по корисник и истата таа му се исплаќа на давателот на услугата, кој треба да обезбеди квалитетна услуга до крајниот корисник.

– Негувателите ќе обезбедуваат помош за корисниците во вршењето основни и инструментални активности од секојдневниот живот. Основни активности се следните: помош во одржување лична хигиена и облекување, помош при користење тоалет, при хранење и помош при менување пелени. Инструментални активности се следните: помош во одржување на домаќинството, при готвење и пазарење, помош при движење надвор од домот, при користење медицинска терапија, контрола на крвен притисок, шеќер и помош при управување со буџет. Со цел да бидат избрани најсоодветните негуватели во сите општини, давателите на услуги имаа објавено јавни повици и спроведена беше постапка за избор на оние што ги исполнуваат условите дадени во соодветниот повик. Обуки за негуватели беа реализирани во општините Карпош, Берово, Демир Капија, Кисела Вода, Ново Село, Василево, Бутел, Чучер Сандево, Јегуновце, Теарце, Желино, Кавадарци, Демир Хисар, Кичево, Струга, Центар Жупа, Крива Паланка, Македонски Брод, Струмица и Кочани – информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму велат дека општините, во партнерство со граѓанскиот или приватниот сектор, се всушност корисници на грантовите што ги има доделено Министерството за труд и социјална политика. Тие се вклучени во целиот процес на имплементација на проектите, како во периодот на воспоставувањето на социјалната услуга така и во процесот на давање на услугата. Тие преку овие проекти, всушност, реално ја заземаат својата вистинска улогата на носители на социјалната заштита во согласност со Законот за социјална заштита.
– Во поголем број проекти, општините имаат отстапено простор за давање на услугите, а наедно ги поддржуваат и сите активности што се имплементираат од страна на давателите на услугите, како што се информирање на граѓаните, градење партнерства, промоција на услугата на локално ниво. Од локалната самоуправа се очекува да продолжи активно да придонесува за развој на услугата и во однос на проширување на бројот на корисници што ќе се финансираат директно од буџетот на општината. Исто така да продолжат со мапирање на потребите на граѓаните и развој на други социјални услуги што се потребни – нагласуваат од ресорното министерство.
Од Сојузот на здруженија на пензионери ја поддржуваат оваа нова и модерна форма на социјална заштита што ја даваат социјалните сервиси, но велат дека сепак и покрај нив има дефицит на социјална грижа за оваа повозрасна популација на граѓани.
– Негувателот ќе дојде во домот на корисникот ќе заврши некоја работа и ќе си оди. Затоа ние предлагаме национална програма за социјално домување, 45 години не е изграден ниту еден старски дом.

Сметаме дека Владата треба да направи некаква динамика за изградба на старски домови, за овие лица да добиваат постојана грижа и лекарски третман. Една година кандидатите за негуватели аплицираа во повеќе општини, се правеа подготовки и се реализираа обуки за негувателите што ќе даваат услуги за оваа возрасна популација на граѓани. Откако општините ќе ги завршат подготовките на терен, ќе се подготви и правна рамка за да се одвојуваат средства од буџетот. Ние како Сојуз на здружение на пензионери ги поддржуваме тие социјални сервиси, но пак ќе кажам, потребна е постојана грижа за старите лица, изградба на старски домови – нагласува Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.
Проектот за подобрување на социјалните услуги ќе трае до 2024 година. Проектите што ги реализираат општините со давателите на услуги за развој на конкретна услуга на локално ниво траат 18 месеци, од кои до шест месеци за воспоставување на услугата и една година за давање на услугата. Овие проекти се во функција на заживување на реформираниот систем на социјална заштита каде што општините ја преземаат клучната улога на локално ниво.
Понатаму министерството, во партнерство со општините, ќе продолжи да го финансира давањето на услугите доколку се исполнети условите. Како што најавуваат оттаму, услугата што ќе ја добијат корисниците од страна на негувателите со овој проект нема да престане по неговото завршување, туку ќе премине на централно финансирање.