Фото: Игор Бансколиев

На претстојните парламентарни избори на 15 јули, политичките партии од македонскиот и од албанскиот табор во изборната трка влегуваат со променети партиски бои, редизајнирани симболи и нови изборни слогани. Што значат сите овие промени и каква порака се испраќа до гласачите

Во светот на политиката покрај играта на зборови своја улога има и играта на боите, симболите и слоганите. Политичките субјекти често се ребрендираат, го менуваат имиџот, ги менуваат боите и слоганите за да привлечат поголемо внимание во јавноста и, се разбира, што повеќе гласачи. На претстојните парламентарни избори на 15 јули политичките партии од македонскиот и од албанскиот табор во земјата, во изборната трка влегуваат со променети партиски бои, редизајнирани симболи придружени со нови изборни слогани.

Коалицијата за „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе настапува на изборите со слоганот „Повеќе“, a во тој правец опозицијата пред неколку месеци ги промени партиските бои во кои доминира симболиката на националното знаме и го модифицира логото на слоганот.
Владејачката партија СДСМ, пак, на овие избори слично како опонентот ги промени препознатливите бои, сината и жолтата, во комбинација на бела боја со црвено лого. Дополнително партијата од Бихачка на оваа изборна трка настапува под ново мото, а тоа е „Можеме – уште подобро и уште повеќе“.

Во албанскиот табор, ДУИ се одлучи за слоганот „Дојде време за првиот премиер Албанец“. Партијата во логото го стави и македонското национално знаме веднаш до албанското, модифициран орел и логото на партијата во форма на печат.
Коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернативната заеднички одлучија за слоганот „Сега е време“. Боите ќе ги претставуваат двете партии, часовникот во форма на буквата „Ш“ што значи време за Албанците и двете лога десно, што ја означуваат нивната идеолошка определба за централно – десно.
Демократска партија на Албанците одлучи да се претстави со слоганот „Летото доаѓа преку врата“. Од овој субјект велат дека за овој слоган се одлучиле врз основа на убедувањата дека ова лето им припаѓа на Албанците што ќе донесе промени.
Политиколозите со кои се консултиравме велат дека сите овие промени од изборот на партиските бои до пораките преку слоганите и логоата навестуваат тренд на ребрендирање во дејствувањето на партиите.

Политикологот Милан Стефаноски вели дека борбата за гласачите во кампањата на македонската политичка сцена со себе носи и наратив, кој подразбира одредени промени на изборниот фолклор бидејќи на тој начин се следат трендовите во светската политика, која се прелева и кај нас.
– Јас лично ги поддржувам овие модификации, доаѓаат како добро освежување бидејќи со нив се избегнува визуелниот стереотип на изборните кампањи. Но, за жал, освен оваа визуелна причина, промените во изгледот, за жал, не значат и промени во однесувањето на партиите по изборите. Дополнително, новиот имиџ исто така многу тешко го менува и расположението на гласачите, кои во Македонија сѐ уште гласаат по навика и тешко ги менуваат своите политички опции – вели Стефаноски.
Тој потсетува дека историјата памети драстични промени во фолклорот на изборните трки во Македонија, а како најмаркантна ја смета онаа на ВМРО-ДПМНЕ пред десетина години, кога партијата ги замени црвената и црната боја со портокалова, симболизирајќи ја тогаш актуелната Портокалова револуција.

Според него, посилен ефект од колоритот на боите на знамињата и билбордите на партиите врз јавноста и гласачите праќаат слоганите на коалициите.
– Сметам дека силните пораки се многу побитни од боите и тие се своевидна порака до населението, што може да се очекува од дејствувањето на одредена опција доколку таа дојде на власт. За мене лично, овој сегмент доколку добро биде осмислен е далеку побитен бидејќи преку него како гласач ќе можам да разберам за што го давам својот глас – истакнува тој.
Во науката, според политикологот, овие промени најчесто се случуваат во период кога одредените партии го менуваат своето раководство или ги променуваат политиките на нивното дотогашно дејствување, па на таков начин со ребрендирањето се обидуваат да ги добијат симпатиите на актуелните гласачи, но и на потенцијалните.
Политичкиот аналитичар Јове Кекеновски вели дека спектарот на бои што ги користат партиите во светот тесно се поврзува со идеологија на истите тие.

Имено, според него, црвената боја најчесто е симбол за левичарските и социјалистички партии, сината за десничарските и национални, а зелената партија за т.н. либерални и зелени партии.
– Во Македонија од друга страна овие вредности не значат ништо. Спектарот кај нас е сосема обратен од светот. Кај нас сината боја ја користат левичарите и социјалдемократите, а црвената националните партии. Па така од оваа точка, може да се каже дека ребрендирањето во боите се должи чисто на желбата на оние што ги водат кампањите во партиите и тоа освен убавиот и нов изглед нема суштинско значење – вели Кекеновски.

Тој советува дека кај нас партиите наместо да ги ребрендираат боите и изборните мото-пораки треба да си ја ребрендираат свеста на своето дејствување бидејќи на таков начин единствено ќе можат да го фатат чекорот со светот и Европа.
Или како што велат стиховите на една наша популарна песна:
„Ако веруваш во Бога
тогаш верувај во себе
не ме давај на ѓаволите
а ако можеш да ме видиш
кое црнило ме пере
дај помогни ми, обои ме.“
Дали ребрендираните партиски бои ќе ги исперат сите наталожени црнила во државата и која боја ќе доминира останува да видиме на 15 јули.

[email protected]