Фото: Игор Бансколиев

Кои се здравствените предизвици со кои треба да се соочи државата во пресрет на пописот? Имаме ли капацитет за организирање и безбедно спроведување комплицирани и обемни државни операции за време на пандемијата?

Попис за време на пандемија и приоритетите
за заштита на здравјето на граѓаните

Нашата држава поседува соодветно искуство во организирање и безбедно спроведување комплицирани и обемни државни операции за време на пандемија. Низа такви примери ја поткрепуваат таквата констатација. Имено, соодветни примери беа парламентарните избори спроведени во јули и локалните избори што се организираа и спроведоа месецов. Во тој контекст, од оваа временска дистанца по изборите, и оние летоска и оние зимава, сѐ беше спроведено во најдобар сигурносно здравствен и безбедносен ред и почитуван протокол, од кој не произлегоа здравствени кластери на заболени граѓани.

Пописот и основните информации за него

Според досега познатите информации, пописот ќе биде спроведен во април и ќе чини 8,5 милиони евра. Натаму, одговорен за пописот ќе биде Заводот за статистика, а во него ќе учествуваат и Советот за статистика, комисии за 45 пописни реони, државни инструктори, реонски инструктори, реонски попишувачи и други учесници што ќе бидат ангажирани. Тоа значи дека за неговото спроведување ќе бидат ангажирани околу 6.000 лица, кои ќе работат во целата држава.
Според најавите, пописот ќе трае од 1 до 21 април, во кој анкетарите во лаптоп ќе ги пополнуваат неопходните податоци за граѓаните.

Попишувачите да се вакцинираат пред пописот

Свое видување на здравствената димензија на настаните имаат и здравствените и статистичките познавачи на случувањата.
Професор д-р Никола Пановски, микробиолог, вели дека спроведувањето на пописот нема да биде лесно и сето тоа од здравствена перспектива ќе биде една комплицирана операција.
– Верувам дека државата наредниот период треба да го искористи да донесе навремен протокол за спроведување на оваа статистичка операција, која по многу нешта на пример ќе личи на онаа поврзана со неодамнешните локални избори во Штип. Имено, за пописот, попишувачите ќе треба да бидат соодветно заштитени со маски за лице и ракавици кога ќе влегуваат во домовите на граѓаните, иако многумина од нив нема да бидат заболени лица од ковид-19. Проблем ќе биде фактот дека гласањето е краток процес, а статистичката операција ќе изискува подолга временска рамка, во која треба да се пополнат прашалниците. Дополнително, верувам дека ќе треба пописот да се врши на безбедни места во домовите на граѓаните, бидејќи не сите ги имаат неопходните услови за тоа. Ако се попишуваат семејствата што живеат во куќа, сето да се стори по можност во дворовите. Но во зградите ќе биде предизвик, па препорачувам да биде извршено во најголемата просторија со отворени прозорци или пак на терасите од становите – вели Пановски.

Тој додава дека доколку вакцината пристигне навреме и ако за тоа постојат соодветни услови, попишувачите треба да бидат вакцинирани и сместени во категоријата граѓани што примарно треба да ја примат вакцината.
– Па, по таа логика, вакцинирањето на овие лица, кои не се воопшто малку на број, неколку илјади, треба да биде извршено навремено, пред да почне пописот закажан за први април наредната година. Првата доза на вакцината попишувачите би требало да ја примат кон крајот на февруари, а втората доза две седмици подоцна, или на средината на март. На тој начин по вакцинирањето тие ќе бидат безбедни, а истовремено ќе се намали и ризикот од ширење на пандемијата преку статистичката операција – резимира докторот.

Анкетарите на терен со маски и со ракавици

Во својата изјава за медиумите на оваа тема директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека попишувачите своите работни обврски треба да ги спроведуваат со маски и со заштитни ракавици кога ќе посетуваат домови за време на пандемијата и ќе ги евидентираат македонските граѓани што живеат во земјава во неколку категории.
– Дали и како ќе влијае пандемијата врз начинот на кој ќе се води статистичката операција попис е тешко прашање да се одговори – вели тој.
Исто така посочува дека и во овој период се анкетираат на терен пет илјади домаќинства и дека тие се обезбедени со сите мерки за заштита.
– Понатаму се надеваме дека овој бран и ова темпо ќе се намалат, доаѓаат сепак пролетни денови, малку поинакви временски услови, нема да бидат сите затворени во домовите, а се надеваме на оваа проклета вакцина, која ќе има ефект врз сите, па се надеваме и дека учесниците во пописот, значи попишувачите и сите други учесници во пописот, ќе бидат во онаа прва група на лица што би се вакцинирале. И да не се случи такво нешто, ќе бидат преземени сите мерки за заштита – вели Симовски.
Инаку, за потсетување, во земјава првиот попис е одржан во 1948 година, а досега се спроведени осум пописи. Последниот успешен беше спроведен во 2002 година, а во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, која беше прекината од тогашната власт под сомневање за фалсификат.

[email protected]