По едночасовната пауза, попладнево во Собранието на Република Македонија продолжи седницата за доверба на Владата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини за отпуштања, немање инвестиции, корумптивни скандали, убиства, запалени возила… Тие сметаат дека луѓето не се чувствуваат безбедно во Македонија.

Во однос на обвинувањата од опозицијата за лошата состојба во земјоделство, ресорниот министер Љупчо Николовски рече дека на почетокот на нивниот мандат исплаќање субвенции од 2016 година, кои не им биле исплатени на лозарите. Тој нагласи дека пред почетокот на сезоната, во ноември, декември и февруари ги исплатиле и субвенциите за одржување на лозовите насади или околу 600 милиони денари. Најави дека овие денови ќе биде исплатена и дополнителната поддршка од два денари. Оваа Влада, како што рече, донесе одлука за зголемување на субвенциите од 10 отсто за лозарите во оваа година.

Фросина Ташевска-Ременски од СДСМ посочи дека опозицијата не зборува за факти туку, како што рече, се уште живеат во време на стари факти кои важеа за периодот додека беше владата на ВМРО-ДПМНЕ, а креатор на политиките беше Никола Груевски.

Потсети на, како што рече, штетните политики што ги наследи оваа Влада од политиките на Груевски. Истакна дека 31 милион евра биле потрошени од буџетот на РМ за рекламирање на бизнис потенцијалот на земјата во странските медиуми, 130 милини ева за промовирање на странски инвестиции, за роуд шоуата на Владата за старнски инвестиции биле потреишени 12,5 милиони евра без платите на економските промотри. Владата потрошила 225 милиони евра за промовирање на 25 странски инвеститори во Република Македонија.

Оставената дупка во ПИОМ изнесува близу 500 милиони евра или се работи за, како што рече, математика на расипничко трошење на буџетските средства. Според неа, скриен долг имаат фондовите, јавните претпријатија, општините, министерствата во вкупен износ од 363 милиони евра.

За обвинувањата од опозицијата дека има подривање на национални интереси, Ременски рече виталните интереси на Македонија се заштита и унапредување на мирот, стабилноста и безбедноста на граѓаните.

– Не подгреваме меѓуетнички тензии и несигурност кај граѓаните со фиктивни вести… Од оваа говорница се подриваше мирот и стабилноста на Република Македонија со говорите за време на конститутивната седница и сите изминати периоди додека пратениците се обраќаа од оваа говорница, рече Ташевска-Ременски.

Според пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ странските инвестиции донеле околу 20.000 вработувања во Македонија. Обвини дека во последните 10 месеци без работа останале околу 10.000 луѓе, а на нивните места се вработени 13.000 луѓе најголем дел, како што рече, од Шарената револуција.

Нејзината сопартијка Емилија Александрова реплицирајќи и на Ташевска-Ременски , соопшти дека тие немаат визија, план и идеја како да ја водат државата напред.

– Вие покажавте дека за вас не постои правна држава, туку сте елитистичка политичка партија за која е дозволено се… Вие сте еден типичен школски пример за тоа како една власт не смее да работи, рече Александрова.

Зијадин Села од Алијансата за Албанците нагласи дека се работи за обичен театар, без суштинска дебата со цел македонската опозиција да се врати во Собранието.

– Алијансата за Албанците е дел од собраниската опозиција и ние нема да бидеме дел од овие политички игри за да ја поддржиме вашата интерпелација за актуелната Влада – рече Села.

Смета дека нема суштинска реформа во правдата, не е добра состојбата на децата Албанци во градинките и образованието, во државата има етничка поделба и треба одговорност во секторот култура.

За разлика од поддршката што Алијансата за Албанците ја даде за изборот за Владата, Села рече дека овој пат ќе гласаат воздржано.