Поради основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ги својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот Никола Груевски нелегално да ја напушти Република Македонија, Јавното обвинителство почна предистражна постапка.

– Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите во врска со бегството на осудениот Н.Г., како и написите на медиумите и интересот на јавноста, оформи предмет по допрен глас. Во врска со настанот, постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ги својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија – соопшти Јавното обвинителство.

Предметот, како што е посочено, му е доделен на надлежен обвинител и во рамките на предистражната постапка се издадени наредби за собирање податоци поврзани со настанот.

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој требаше да се јави на издржување двегодишна затворска казна за предметот „Тенк“, под сѐ уште неразјаснети околности пребега во Унгарија, каде што бара политички азил.