Во Кривичниот суд во Скопје во тек е судењето за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година. Судскиот процес започна во средата, со поднесувањето на обвинителниот акт на обвинителката Вилма Рускоска и со забелешки и барања на адвокатите на дел од обвинетите, а продолжи со воведни говори на адвокатите и на поголем дел од обвинетите што се изјаснуваат по обвиненијата. Судењето, според сите прогнози, ќе трае подолго време. Обвинителката Русковска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а адвокатите на одбраната тврдат дека не постојат докази што укажуваат на тоа.

Особено што меѓу обвинетите се наоѓаат неколку пратеници во Собранието, како и неколку уметници. Адвокатите во своите искажувања посочуваат дека обвинетите не може да одговараат за наводен тероризам, бидејќи не извршиле никакво насилство. Вкупно се обвинети 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање. На обвинителната клупа се: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски. Процесот го води судијката Добрила Кацарска, искусна судијка, со долгогодишен стаж во судството. Кацарска има закажано вкупно 37 термини за главна расправа. Н.М.