Фото: Дарко Андоновски

Во екот на големата афера „Рекет“, со потенцијал за минирање на трите власти, извршната, законодавната, а најмногу на судската власт, реакцијата на обвинителите за „немешање на политичарите“ во независноста на судството предизвикува бура коментари меѓу стручната јавност

Демократските стандарди и дефиниции за независност и интегритет на институциите што се темелот на државноста толку многу се релативизирани во македонската политичка прагма, што иако формално можеби сѐ уште се запишани во учебниците и законите, процените на реалната состојба алармантно укажуваат на криза на правната држава и владеењето на правото. Повеќе од половина деценија токму функционирањето на правната држава е клучниот услов, искажан како „препорака од ЕУ“, на кој треба да работи земјава за да се приближи до стандардите за членство во Унијата. Симптоматично е што и со промената на власта во текот на изминатите години, и по менувањето на името на државата, перцепцијата на ЕУ за владеењето на правото во Македонија очигледно не се менува и тоа и понатаму останува главниот предизвик.

Актуелниот случај „Рекет“, во кој има премногу елементи што укажуваат на очигледно дерогирање на правната држава (уцена, поткуп, трговија со влијание, перење пари, незаконско прислушување и снимање…), а во кој е инволвирана и институцијата СЈО (која беше формирана токму како специјална мерка за владеење на правото), се претвори во круцијален аргумент за компромитација на последната шанса за враќање на довербата во правниот систем. Одолжувањето на истрагата со бирократските изговори за користење годишен одмор на обвинителите само го засили впечатокот (и револтот) во јавноста дека некој прави невешти маневри за контрола на штетата од целата афера. Во прилог на таквиот впечаток се надоврза и реакцијата од јавното обвинителство по обраќањето на претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ги повика обвинителите да ги прекинат годишните одмори и брзо да ги расчистат истрагата и сомневањата во врска со „Рекет“. Таквиот апел на претседателот, обвинителите го оценија како „напади на институциите“ и тие нема да дозволат дискредитирање на обвинителите и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.

Во екот на големата афера, со потенцијал за минирање на сите, извршната, законодавната, а најмногу на судската власт, реакцијата на обвинителите за „немешање на политичарите“ во независноста на судството личи на задоцнета реакција, и тоа само ако се придржуваме до коректност во изразувањето. Бранењето на „некаква независност на судството“, по апелите за ажурност, ефикасност и транспарентност во истрагата што доаѓаат од сите страни, звучи дури и лицемерно ако се земе предвид дека констатацијата на ЕУ за загрозеноста на правната држава произлегува токму од факот дека правосудството дозволило отворено влијание на политиката во своето дејствување. Може ли обвинителство и судството да имаат третман на заштитена мечка во држава во која најголемите критики за неажурност, нестручност и неефикасност, со години доаѓаат токму на нивна адреса, кога и граѓаните и невладиниот сектор и политичарите и меѓународната заедница отворено и недвосмислено покажуваат со прст кон судството и обвинителството како кон рак рана на државата. И за ваквиот впечаток има редица примери од најбанални граѓански случаи што немаат разврска, па до високотензични политички случаи со нејасен епилог.

– Откако Судскиот совет дозволи преку некои свои членови политиката да влезе во судството, независноста на судскиот систем е компромитирана, а тоа е констатирано и во извештајот на Прибе за „заробено судство“ или, како што произлезе подоцна од снимките, флоскулата „сваровски-судство“. Се покажува дека нема никакви промени во состојбата со оттргнување од влијанието на политиката и во сегашната слика на судскиот систем. Во овој состав, без кадровски и нормативни промени, судството нема капацитет да се избори за својата независност. Покрај тоа, за да се врати довербата во судството, треба да се спроведе комплетна евалуација на работата на судиите и на обвинителите, особено на оние што работеле на политички експонирани случаи. Без евалуација, отчетност и транспарентност во понатамошната работа, тешко ќе ја смениме перцепцијата за „заробено судство“ – смета адвокатот Звонко Давидовиќ.

Низ годините, со својата неажурност и подложност на политички влијанија, обвинителството (и целиот правосуден систем) сами си ги поткопаа угледот и авторитетот. Поткопаниот авторитет не се должи само на неажурност во политички експонирани случаи (еден од нив е и истрагата за бегството на поранешниот премиер Груевски), сѐ додека не паднат во заборав со фразата „истрагата е во тек“, туку и во истражни постапки за граѓански случаи, како на пример истрагата за одговорноста за страдањето на планинарите Калина и Александар, која се води веќе година и пол, без никакви резултати… Одолжувањето на истрагата и немањето разврска со години на многу предмети упатуваат на неспособност или очекување диригирани решенија, при што политичките влијанија во одлуките честопати се и своевидно избегнување на одговорноста.

– Актуелниот состав на судството има еден клиентелистички однос, односно менталниот склоп на луѓето е таков што сакаат да испорачуваат. Да бидеме праведни, сепак не се сите судии и обвинители корумпирани. Поголемиот дел се чесни и професионални, но имаат одредена автоцензура или, да речеме, немаат храброст да проговорат јавно за корупцијата и политичките влијанија и со тоа овозможуваат таквите дејства да продолжат да се случуваат. Истото однесување продолжува и сега, кога клиентелизмот и корупцијата во правосудството се покажуваат илустративно на отворената политичка сцена – вели адвокатот Давидовиќ.

Во таа насока, според експертите, сосема се оправдани сите укажувања и критики на адреса на обвинителството и судството и тие треба да се сфатат само и единствено како метод за подобрување на состојбите, а никако како мешање во нечија работа. До толку повеќе што и препораките и укажувањата се поради впечатокот на нечие неработење и никако поинаку.


ДКСК детектира најизразена корупција во судството

Државната комисија за спречување на корупцијата (антикорупциска) направи анализа за тоа колку функционерите ги чинат граѓаните. Врз основа на првичните податоци, тие веќе подготвуваат предлог со кој ќе побараат да бидат укинати нивните привилегии и да згасне правото на апанажа. Во тоа истражување е констатирано дека во последните месеци бројот на пријави на граѓани што се соочиле со корупција се зголемил. Најголем процент, според анализите, има во судството, преку вработувањата и носењето судски одлуки.
– Има истражувања што покажуваат дека во судството е најизразена корупцијата, па понатаму се здравството, царината и така натаму. Од она што го добиваме ние како предмети се потврдува оваа констатација, со тоа што исто така имаме голем број премети во делот на вработувањата – вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.