Во моментов во државата има барем три кризни состојби поврзани со различни појави и случувања или, поконкретно, кризна состојба за пожарите, за пандемијата на ковид-19 и кризна состојба на границите поради можниот бегалски бран. Но дали е доволно само да се прогласуваат кризни состојби без притоа да се работи на нивно превенирање и спречување да се случат, па и повторат? Колку сите досегашни кризни состојби нѐ научија на кризен менаџмент и брза реакција се прашањата што се наметнуваат во јавноста. Експертите имаат свои интересни согледувања

ПО НАЈНОВАТА ОДЛУКА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НОВА КРИЗНА СОСТОЈБА ВО ДРЖАВАТА

По тридневна борба со осум до десет активни пожари, кои не стивнуваат низ Македонија, властите вчера (5 август) донесоа одлука за прогласување кризна состојба во државата, во траење од 30 дена. Одлуката е донесена по предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови пак го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба. Ова е само уште една во низата кризни или вонредни состојби што биле во сила во Македонија од разни причини, без разлика дали се работи за природна непогоди, како пожари или поплави, пандемија на ковид-19, бегалска криза итн.
– Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република С. Македонија поради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координирано дејствување на сите засегнати институции, поради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење – велат од Владата, објаснувајќи ги причините за најновата одлука.
Загрижувачката состојба во справувањето со пожарите низ земјава ја оправдува како соодветна и потребна одлуката на Владата за прогласување кризна состојба. Но потсетувањето на фактот дека веќе е во сила уште една одлука за кризна состојба, за справување со пандемијата на ковид-19, како и онаа долгогодишната на јужната граница за следење и дејствување во контекст на бегалската криза, ја наметнува дилемата за оправданоста на мултиплицирање и штанцање на ваквите одлуки, но без да се извлече поука и да се работи на превенција. Дали е доволно само да се прогласуваат кризни состојби без притоа да се работи на нивно превенирање и спречување да се случат, па и повторат. Колку сите досегашни кризни состојби нѐ научија на кризен менаџмент и брза реакција се прашањата што се наметнуваат во јавноста.

– Ако целта на прогласување на последната кризна состојба е да се мотивираат да работат оние што им е работа да бидат подготвени и да дејствуваат во состојба на непогоди, односно да ги предвидат потребите и условите за дејствување, тогаш не гледам оправданост за ваквата одлука. Дали е потребна ваква одлука за во акутни услови на пожари за да се вработуваат пожарникари? Требаше ли да се случат пожари за да се утврди потребата од обучен и подготвен кадар и ресурси за справување со вакви ситуации? Освен тоа, треба да се знае дека секоја одлука предизвикува правни последици и големи трошоци како на локалните така и на централниот буџет. Со прогласување кризна состојба не се решава неподготвеноста на институциите што се задолжени да бидат подготвени за ситуации коишто треба да се предвидат и се очекуваат во одредени временски услови – оценува Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
Досегашното искуство од прогласената кризна состојба за справување со пандемијата покажува дискутабилна ефикасност, со оглед на сѐ посериозните предупредувачки статистики за можноста набргу да почувствуваме четврти пандемиски бран.
Актуелноста на официјалната кризна состојба со пандемијата како да нема влијание за почитувањето на мерките за превенција, односно носење маски во затворен (јавен простор), кои сѐ уште се во важност. Или, со други зборови, иако на хартија имаме кризна состојба и мерки против пандемијата, во реалноста ретко кој се придржува до нив. Доволна е само мала прошетка, да се воочи дека сега ретко кој носи маски. Затоа среде лето ни се случува рапиден раст на бројот на новозаразени со по стотина случаи дневно. Секоја подготвена и организирана држава мора да има однапред подготвени и разработени сценарија за превенција на секаков вид кризи.
Според поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, новата кризна состојба претставува палијативно решение на штета на регулативата и на штета на ефикасното дејствување.

– Состојбите какви што се, најмногу се резултат на неснаоѓањето на власта (а и опозицијата не е исклучена од одговорноста) во ситуации што може да се очекуваат и да се превенираат. Поводите за изрекување мерки како кризна состојба се многу дискутабилни. Во однос на кризната состојба за пандемијата, донекаде можеше да се оправда причината, со оглед на тогашната ситуација – не се знаеше дали Собранието треба или не треба да работи. Но сега, за справување со актуелната состојба со пожарите, при постојни институции, чија задача е да ги следат и превенираат опасностите од природни непогоди, не ја гледам смислата за прогласување нова, 30-дневна кризна состојба. И досега ништо не ја спречуваше Владата да ги користи сите средства и ресурси што ги има на располагање за да се справи со ситуацијата. Утре може да заврне дожд и да ги изгасне пожарите, па кризната состојба ја губи смислата. Но и по триесет дена, може повторно да има некоја друга природна непогода, за која соодветните институции треба да бидат подготвени, а не да се посегнува по кризни состојби, како палијативно гасење пожари. Таквите палијативни решенија се на штета на регулативата и на штета на ефикасното дејствување во спречувањето на последиците од предвидливи ситуации – вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.


Што значи кризна состојба

Во Законот за управување со кризи, кризната состојба е дефинирана како состојба предизвикана од ризици и опасности што можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Одлуката за нејзино прогласување не може да трае подолго од 30 дена.
Доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат устен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.
Законот ѝ овозможува на Владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Град Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата. Во случај на кризна состојба може да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва што се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или доброволно, може да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.


Кои се најновите заклучоци

Заради операционализирање на одлуката за прогласување кризна состојба се донесени следните заклучоци:
– На претседателот на државата да се му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на армијата на Република Северна Македонија во справување со кризната состојба.
– Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
– Министерството за внатрешни работи, армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите други засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси што можат да се стават во функција за справување со кризната состојба.
– Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Република Северна Македонија.