Фото: Дарко Андоновски

Политичките мотиви не треба да бидат главен принцип во водењето на постапката за носење некој закон. Законот не треба да биде само одраз на некаква политичка волја туку треба да се донесе по процена и дебата (а по можност и консензус) во стручната и пошироката јавност. Кога не постои време и можност да се сослушаат сите аргументи и да се испочитуваат сите процедури за носење закони, таквата состојба создава тензии во општеството, тврдат аналитичарите

Носењето закони по брза постапка, без претходна широка и сеопфатна дебата, е појава што се провлекува со години. На ваквата појава реагирале и власта и опозицијата, секоја во различен момент и од различна позиција во која се наоѓала тогаш. Сегашната владејачка гарнитура остро реагираше кога поранешната власт носеше закони во брза постапка, на што сега, пак, реагираа опозицијата.
Намерите на актуелната Влада на Р. Македонија за брзи промени во општеството, концизно и јасно ги изразува премиерот Зоран Заев во еден свој статус на социјалните мрежи од 4 септември 2017 година, во кој пишува: „Со носењето закони во скратена постапка, парламентарното мнозинство токму по брза постапка ги решава проблемите во општеството. Зборот си е збор!“ Од периодот кога премиерот ја има дадено оваа изјава, кој всушност е времето кога започна собраниската постапка за усвојување на Законот за употреба на јазиците, носењето закони по скратена постапка, под превезот на европското знаменце, се чини стана практика во македонското собрание.
Но македонското општество, и покрај брзината во штанцање на законите, е уште подалеку од состојбата во која проблемите се решаваат. Напротив! Проблемите или се продлабочуваат или преминуваат на повисоко ниво на сомнеж во оправданоста на носење на законите по скратена постапка.

– Не треба да се биде експерт за да се заклучи дека носењето закони по скратена постапка треба да биде исклучок, а не да се претвори во вообичаена практика. Тоа што на Владата ѝ се брза за да си исполни некои цели не е доволна причина за зачестена примена на вонредната постапка во носењето на законите. Во принцип, треба да се избегнува носењето закони без поголема расправа за нив, зашто многу брзо се покажува дека се или несоодветни или неприменливи во општеството – вели Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет при УКИМ во Скопје.
Како пример за неприменливоста на некои законски одредби, професорот Калајџиев ги наведува оние што се однесуваат на судството во Законот за употреба на јазиците, со кои се предвидува симултан превод во текот на судските постапки. Тој се сомнева дека во Македонија има доволно стручно оспособен кадар за спроведување на оваа скапа законска одредба и дека тоа е речиси невозможно. Притоа, ниту една судска институција не била прашана за техничките можности за примената на таквата законска одредба.

Гордан Калајџиев оценува дека, воопшто, носењето на Законот за употреба на јазиците е избрзано и не само што нема соодветна процена за негова применливост во судството туку и во други општествено-професионални сфери.
Освен правниците, и стопанствениците во своето деловно искуство се соочуваат со повеќе пречки во својата работа, токму поради носењето закони по скратена постапка.
– Конечно, треба да се престане со практиката на носење закони по брза постапка. Се знае како се носи закон по итна постапка, во каква процедура и со каква цел. Но во последно време тоа секојдневно се злоупотребува, а тоа е резултат на изместената позиција на парламентот, која 28 години кај нас остана зацементирана и индиферентна во однос на Владата и на извршната власт – смета Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Во согласност со собранискиот деловник, според кој се спроведува законодавната постапка, редовната процедура на носење на законите се одвива во три читања. Но законите, по исклучок, можат да се носат и по итна постапка „кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката или во случаи на поголеми природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни потреби“.
Покрај итната постапка, постои и скратена постапка (иако често се идентификуваат). „Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога: не е во прашање сложен и обемен закон, престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската Унија.
Собранието одлучува дали предлогот на законот да се донесе по скратена постапка. Ако Собранието одлучи да расправа, предлогот на законот да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш ги задолжува матичното работно тело и законодавноправната комисија да расправаат по предлогот на законот. Кога предлогот на законот се разгледува по скратена постапка, Собранието одржува општ претрес. Второто и третото читање се одржуваат на иста седница, при што веднаш започнува постапката утврдена за второ читање, а амандмани може да се поднесуваат до почетокот на седницата за второ читање“, гласи одредбата за носење на законот по скратена постапка.

Слична, скратена собраниска процедура, со европско знаменце, како онаа за усвојување на Законот за употреба на јазиците, беше спроведена и за ратификација на спогодбата меѓу Македонија и Грција. И двете постапки за конечна примена на законите се „заглавени“ до „џебното вето“ за потпис на указот за законот од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, со што не се исполнуваат уставните одредби за нивно објавување во „Службен весник на Република Македонија“. Коалициските партнери во Владата се обидуваат да најдат „креативни решенија“ за заобиколување на претседателскиот потпис.
– Политичките мотиви не треба да бидат главен принцип во водењето на постапката за носење некој закон. Законот не треба да биде само одраз на некаква политичка волја туку треба да се донесе по процена и дебата (а по можност и консензус) во стручната и пошироката јавност. Не случајно е поставена одредената динамика на редовната постапка за носење на законите. Редовната постапка си има своја логика. Постојат голем број показатели дека носењето закони по брза постапка е ризично. Како на правник, не ми се допаѓа тоа што и меѓународниот фактор го поддржува носењето закони по брза постапка. Кога не постои време и можност да се сослушаат сите аргументи и да се испочитуваат сите процедури за носење закони, таквата состојба создава тензии во општеството – вели професорот Гордан Калајџиев.