Со најновите изјави на високи функционери од Вашингтон се чувствува нов импулс за забрзување на европската интеграција, а со тоа и одблокирање на бугарското вето за Македонија. Што се крие зад овие најнови сигнали и какви се размислувањата на аналитичарите

Фрустрираноста на земјите од Западен Балкан (во кој припаѓа и Македонија) од долгогодишниот застој во евроинтеграциските процеси, во последниов период како да предизвика поангажирана реакција на највлијателниот партнер на ЕУ – САД. Така, во интервју, новоименуваниот заменик-помошник секретар за европски и евроазиски работи во американскиот Стејт департмент, Габриел Ескобар, констатира дека „малку е разочарувачки да се види дека и по 20 години (откако го напуштил Балканот, каде што бил во 2001 година) дека нема многу напредок во областа на евроинтеграциите“. Но тој е и доста конкретен во однос на проширувањето.
– Се надевам дека преку американското партнерство и американските пораки и американскиот ангажман, можеме да ги вратиме двете страни на вистинскиот пат. Овој беше еден од најбавните процеси на проширување досега. Кога ќе погледнете колку брзо тој процес се одвиваше за другите земји во регионот. Би сакале да ја вратиме таквата динамика – порачува Ескобар, имплицитно испраќајќи порака на разочараност и до ЕУ од одолжувањето на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан.
Ескобар упати и директни критики кон Бугарија, апострофирајќи ја како директен кочничар на процесот на проширување на ЕУ, со тоа што го блокира почетокот на преговорите за членство на Македонија со ЕУ, посредно спречувајќи ја и Албанија во евроинтеграциите. Притоа, високиот претставник на Стејт департментот не крие дека американскиот притисок ќе биде насочен спрема Бугарија.
– Јас нема да ја отфрлам загриженоста на една малцинска група во Европа. Но тоа е билатерално прашање, а тие го претвораат во мултилатерално прашање, што нѐ засега сите нас. Постојат компромисни решенија и ние ги охрабруваме да се однесуваат конструктивно и стратегиски за да се реши ова прашање.

Постојат и други начини за да се адресира ова прашање, освен блокирањето на нивната интеграција во Европската Унија – вели Ескобар за однесувањето на Бугарија спрема евроинтеграциите на Македонија и посредно спрема Албанија. Притоа отворено ѝ порачува на Бугарија дека без оглед каков ќе биде исходот на нивните избори (кои ќе се спроведат третпат годинава), американските пораки ќе бидат исти – дека билатералното прашање не треба да го блокира стратегискиот императив за влегување на овие земји во Европската Унија. Тој истакнува дека „има решенија и имаше некои добри решенија за решавање на ова билатерално прашање“ меѓу Македонија и Бугарија.
– Значи, ние ќе притискаме без разлика на сѐ – категоричен е Ескобар.
Во бугарските медиуми, ваквите најави на Ескобар се пренесуваат како директен притисок врз Бугарија, во македонско-бугарскиот спор, но вмешувањето на трета страна во наоѓање компромис во билатерален спор, значи дека сепак двете спротивставени страни треба да бидат подготвени на отстапки. Тоа го отвора прашањето дали македонската страна премногу се потпира на американската интервенција и влијание во однос на нејзините евроинтеграции, па и во решавањето на билатералниот спор со Бугарија.
– Во однос на барањето излез од евроинтеграцискиот застој во влијанието на САД, од страна на Македонија (па и другите земји од Западен Балкан), сметам дека е очекувано, па и логично.

ЕУ можеби имаше единствена став дека треба да се започне со преговори, но се виде дека земјите-членки немаат единствен став околу отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија, што се наметнаа како причина за блокирање на евроинтеграциите. Тоа несомнено предизвика разочараност во Македонија во ЕУ и западните вредности, опадна интересот за евроинтеграциите, а САД тоа го проценуваат како губење на своето влијание во регионот и оставање простор за други геостратегиски влијанија. Токму затоа решија поактивно да се вклучат во забрзувањето на процесот на евроинтеграциите и да извршат притисок врз кочничарите на процесот, како Бугарија. САД ќе ја притискаат Бугарија во однос на справување со корупцијата и криминалот, што досега ЕУ го толерираше, повеќе штитејќи се себеси од потребата за расчистување на корупцијата во сопствените редови. Всушност, дипломатите на САД се специјалисти за решавање замрзнати конфликти. Во однос на македонско-бугарскиот спор, ќе инсистираат тој да се решава на билатерално ниво (нудејќи ја својата помош и во тоа), но да се одблокираат евроинтеграциите. Зашто сега, Бугарија не ја блокира само Македонија, туку и Албанија – вели македонскиот дипломат Љупчо Арсовски.
Во врска со „компромисните решенија“ за македонско-бугарскиот спор, кои ги споменува Ескобар, Арсовски проценува дека тие би можеле да бидат во делот за малцинските прашања, односно Бугарите да бидат внесени во преамбулата на македонскиот устав, во рамките на додавање и други присутни малцинства во земјава, како на пример Хрватите. Притоа, Арсовски препорачува дека македонската дипломатија во тие евентуални преговори треба да бара реципрочно решение за македонското малцинство во Бугарија.

Во барањето решение за одмрзнување на евроинтегративниот процес на Македонија, преку некаква разврска за отворените македонско-бугарски прашања, Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски прашања од Скопје, смета дека помошта на САД во процесот може да даде нов импулс, но и понатаму одговорноста е во рацете на македонската дипломатија.
– Решението во секој случај ќе мора да дојде преку некоја форма на договор во рамките на Советот на ЕУ, на кој ќе се одблокира нашата преговарачка рамка. Инволвираноста на САД не е на одмет, но треба да имаме предвид дека во моментот односите на САД со дел од земјите-членки, пред сѐ Франција, се доста комплексни. Ние од наша страна немаме многу простор за „компромис“ по клучни прашања, како јазикот. Сепак, одговорноста е во рацете на дипломатијата и политиката, доколку има добра волја да прикажат придобивки за двете страни – вели Симонида Кацарска.
Реферирајќи на неодамнешното интервју на Габриел Ескобар, в.д. заменик-државниот секретар на САД за Јужна и за Централна Европа, во кое наведува дека „се предложени некои добри решенија“ за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија, нашиот весник упати прашања и до македонската влада и до Министерството за надворешни работи, за нивниот став во однос на ваквите изјави до затворањето на денешното издание на весникот не добивме одговори.