Почетокот на претседателската кампања на кандидатите за шеф на државата донесе и една нова, поинаква нота од претходно и создаде перцепција дека, за разлика од претходно, овој пат можеби на сосема нетипичен начин, слично на европските избори, кандидатите и нивните штабови се обидуваат да ги придобијат гласачите.

На ваква констатација нѐ наведуваат последните случувања на изборните претставувања на кандидатите на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Така, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ во спортски дух, под мотото „Јога со Гога“, на плажата Куба Либре во Охрид, се сретна со своите симпатизери. Таа ги правеше вежбите со инструктор, како и со поддржувачи кои се одзваа на нејзината покана што таа ја упати преку социјалните мрежи.

Од друга страна, пак, кандидатот на владејачката гарнитура Стево Пендаровски, слично на американските политичари, во форма на дебата со граѓаните и симпатизерите, почна да ја презентира својата програма, со која очекува да победи на изборите. На една од дискусиите, во Прилеп, смислено или спонтано, една симпатизерка на Пендаровски изјави дека таа немала родител и посака во иднина токму кандидатот на СДСМ и ДУИ да биде и нејзин и татко на државата.

Во контекст на актуелните случувања, пак, за обележување е и кампањата што ја спроведува кандидатот на Алијанса за Албанците и Беса, Блерим Река, кој, пак, не се придржува до секојдневните средби со граѓаните, туку одржува кратки говори пред целна група гласачи.

Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме велат дека најверојатно оваа нова состојба се должи на променетите стратегии за победа на изборите на пиар-тимовите што ја водат кампањата на претседателските кандидати.
Според нив, очигледно е дека во македонската политика сѐ поприсутни се светските практики, со кои политичарите се доближуваат кон избирачите преку несекојдневни активности, за да им се даде европски шмек на изборите, а се исфрлаат традиционалните методи на лепење плакати и класични политички митинзи.

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани смета дека почетокот на кампањата кај сите кандидати за претседател за државата навестува дека сето ќе се спроведе на едно повисоко и академско ниво од претходно.

– Засега, а верувам и подоцна, во кампањата нивното обраќање пред гласачите личи на академско обраќање и најверојатно ќе се настојува на тој позитивен начин да се даде еден модерен и европски тренд во случувањата, кој ќе биде максимално искористен во овие избори – вели Рамадани.

Тој истакнува дека ваквото однесување на кандидатите за претседател се должи на новините што ги спроведуваат луѓето што се одговорни за нивната пиар-стратегија.
Рамадани поентира дека со овој тип западен и европски пристап во кампањата кандидатите ќе се обидат да ги придобијат на своја страна неопределените гласачи, со што ќе се достигне и неопходната бројка за потребен цензус во претседателската трка.
Другите гласачи, според него, кои се партиски членови, но и симпатизери, сепак, во кампањата ќе се мотивираат да гласаат преку традиционалните партиски методи на дејствување.

Политичкиот аналитичар Милан Стефановски, пак, додава дека сосема е логично светските трендови да пристигнат и во нашата политика.

– Верувам дека сите знаеме дека живееме во време во кое кампањите се водат веќе на интернет, а не на застарен начин преку лепење плакати, мавтање со знамиња и партиски обележја по улици и говори на митинзи. Јас мислам дека ваквиот пристап на пиар-тимовите е логичен и очекуван, бидејќи тој е во согласност со времето во кое живееме – вели Стефаноски.

[email protected]