Во својата анализа, „Нова Македонија“ се обидува да одговори на прашањата за бенефицијата од технолошките иновации од аспект на политичкото дејствување, во смисла на отворање нов комуникациски канал на политичарите со граѓаните, поинтензивна фреквенција за размена на информации за потребите на граѓаните, побрз пристап кон избраните политичари и државни функционери итн.

Дигитализација во македонската политика

Високонапредните технологии допреа во сите пори на македонското општество, па и во домашната политика. Лидерите на политичките партии во земјава со „животот на физичко растојание“ поради опасностите од ковид-19 почнаа сѐ почесто да користат дигитални алатки во своето секојдневно професионално дејствување. Тоа им овозможува „во живо и низ видеопренос“ низ неколку интернет-платформи да можат да комуницираат со граѓаните.
На пример, неделава лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, користејќи ја интернет-алатката за комуникација во живо, дискутираше со граѓаните за голем број политички теми. Претходно неколкупати премиерот и прв човек на СДСМ, Зоран Заев, во живо на социјалните платформи комуницираше со граѓаните за политичките случувања. На тој начин и преставници на политичката партија Алтернатива за Албанците редовно одржуваат дигитални прес-конференции со граѓаните на платформата Јутјуб, на која може да се остават коментари од граѓаните.
Во својата анализа, „Нова Македонија“ се обидува да одговори на прашањата за бенефицијата од овие технолошки иновации, од аспект на политичкото дејствување, во смисла на отворање нов комуникациски канал на политичарите со граѓаните, поинтензивна фреквенција за размена на информации за потребите на граѓаните, побрз пристап кон избраните политичари и државни функционери итн.

Во сублимиран заклучок, комуниколозите и пиар-експертите со кои се консултиравме велат дека технологијата е одлична можност нашите политичари да почнат повеќе да го слушаат гласот на обичниот народ, а не да се обидуваат преку дигиталните алатки да шират пропаганда. Тие подвлекуваат дека овие новитети што сега ги користат политичарите не се новост во светот, но истите тие имаат намена да бидат модерен двонасочен канал во комуникацијата меѓу обичните луѓе и естаблишментот во државата.
Комуникологот Бојан Кордалов ја поздравува оваа тенденција на домашните политичари за користење на дигиталните алатки, но додава дека граѓаните во Македонија воопшто не ги интересира платформата врз која работат, туку нив ги интересира како тие да си ја остварат услугата од оние што ги изгласале во делот на функционирањето на институциите.
– Политичарите треба да разберат дека луѓето не ги интересираат информациите со кого се сретнале лидерите на партиите и какви политики почнале да вршат, па уште помалку истите вести како во традиционалните медиуми сега на дигитален начин да ги добиваат на интернет. Напротив, обичните луѓе ги интересира како ваквата комуникација да се одвива во обратна насока, односно како преку дигиталните алатки тие подиректно и побрзо да ги пренесуваат своите размислувања и барања до оние што се изгласани на изборите – вели Кордалов.

Комуникологот подвлекува дека, за жал, употребата на ваквите дигитални „обраќања“ обично има кампањска, референдумска или изборна заднина во македонската политика и се користи само тогаш кога на политичарите им е потребно да се случи тој чин. Тој истакнува дека ако сакаме да го следиме начинот на кој функционираат развиените држави во светот во оваа практика, тогаш во Македонија мора да се промени употребата на алатките во обратен правец и тие, наместо промотор на политики, да станат брз и дигитален сервис за потребите на граѓаните.
– Тоа ќе значи дека пиар-тимовите ќе треба да работат многу повеќе во правец на менување на нивната досегашна работа. Односно, тие во иднина ќе треба преку овие алатки да дадат веднаш и експресно одговор на поставените дилеми на луѓето и да понудат одредено решение – вели Кордалов.
Комуникологот истакнува и дека поентата на новата технологија е политичарите да ја користат можноста 24 часа во текот на денот и седум дена во текот на неделата веднаш да реагираат на проблемите на граѓаните и да го забрзаат дејствувањето на институциите.
Пиар-стратегот Синиша Пекевски подвлекува дека овој начин на дејствување е новост во земјата од техничка гледна точка, но тој во минатото се користел во други форми, а за потсетување може да се издвојат т.н. отворени денови во Владата и парламентот, кога граѓаните имаа можност барем декларативно да поразговараат со државниците и да ги истакнат своите размислувања.

– Сите овие форми на дејствување користејќи модерна технологија или без неа, сепак не го даваат посакуваниот резултат, бидејќи политичарите со нив сакаат да вршат промоција на своите политики, а не да го слушнат размислувањето на обичниот граѓанин – вели Пекевски.
Тој подвлекува дека не е сигурен во искреноста на намерите за оваа побрза комуникација на политичарите со граѓаните и подвлекува дека зад тоа се кријат пиар-трикови за собирање политички поени.
– Македонските политичари не се од вчера и ним не им се непознати барањата на гласачите. Па, оттука, дигиталната комуникација со нив нема да им открие некоја новост – вели Пекевски.
Сепак, според експертот, новитетите во политиката се одлични и тие треба да се доразвиваат и промовираат, бидејќи само на тој начин е можно со овие алатки да се фати чекорот на земјата со светските трендови и во политиката и во технологијата.
– Сѐ ќе биде вистински во духот на развојот на демократијата во земјата ако политичарите навистина и конечно научат преку новите технологии повеќе да го слушаат гласот на народот отколку да целат на собирање политички поени – вели Пекевски.


Светски искуства

Во контекст на актуелните случувања, за обележување се информациите што покажуваат дека светските и регионалните политичари, слично како и домашните, во своето дејствување честопати активно ги користат новитетите во дигиталната сфера.
Од регионот, за истакнување е примерот на годинешната изборна кампања во Србија, во која, првпат на Балканот, актуелниот претседател во земјата Александар Вучиќ одржа виртуелен митинг, на кој комуницираше со многубројни приврзаници на неговата партија. Во светски рамки, пак, рускиот претседател Владимир Путин има долгогодишна практика еднаш годишно да ѝ се обраќа на јавноста, а притоа телефонски и преку видеоврска во живо дава одговори на поставените прашања од тамошните граѓани.
Во САД, пак, политичките партии почнале да ги користат и помалку познатите социјални мрежи и интернет-платформи, како Пинтерест и Линкдин, заедно со најпознатите Фејсбук, Јутјуб и Твитер, да ги мотивираат луѓето дигитално да се регистрираат дека ќе гласаат на претстојната претседателска трка, која треба да се случи годинава.
Според пишувањата на весникот „Ју-ес тудеј“, низ мрежите се распространува дигиталната алатка „Турбо воут“, со која се врши и практично дигитално потсетување на гласачите да го потврдат и исполнат нивното уставно право.

 

[email protected]