Фото: Дарко Андоновски

Еден од главните фокуси на македонската политичка агенда годинава со сигурност останува и изборот на новиот шеф на државата, бидејќи мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов истекува на средината на мај.
Во тој контекст, разбирливо е зошто се актуелни сите дилеми поврзани со прашањето дали се исполнети сите услови за организирање, одржување и спроведување фер и демократска претседателска трка.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, вели дека во суштина државата е подготвена за одржување на претстојните претседателски редовни избори, но тие најпрво треба да бидат распишани, а дури потоа, за тоа да се случи во согласност со законите и правилата, сите институции треба да се изјаснат соодветно и да постапат по своите надлежности и обврски.

– Што се однесува до избирачкиот список, сакам да напоменам дека во јавноста премногу се крева прашина за неговата валидност. Тоа е така бидејќи некој од политички причини се обидува кон ова прашање да вметнува одредени дилеми. Сакам да истакнам дека избирачкиот список се состои од имињата на сите државјани на РМ што ги исполнуваат законските прописи да гласаат, односно имаат 18 години и имаат државјанство. Овој список редовно се прочистува на месечна основа и мислам дека нема посериозни проблеми околу неговата содржина. Во месечното прочистување се бришат оние лица што не ги исполнуваат условите за гласањето, кои се откажале од нашето државјанство или починале – вели Дерковски.

Претседателот на ДИК истакнува дека доколку се изврши проверка на последните неколку изборни циклуси, ќе се забележи дека нема фантомски гласачи и слично во листите, туку станува збор за бројка од 10 до 20 проценти гласачи на списоците чии податоци не се исфилтрирани докрај.

Дерковски ексклузивно најавува можност многу скоро во Македонија да се гласа користејќи современа електронска технологија, со која спорните точки и проблемите што ги носи избирачкиот список конечно ќе исчезнат засекогаш.

– По наша иницијатива и во соработка со партнерите од меѓународната заедница, на 17-ти месецов ќе одржиме тркалезна маса, на која ќе бидат истакнати сите придобивки од можноста на користење на модерната технологија за време на изборите. Ние на овој начин, преку знаењата и информациите на меѓународните експерти, ќе се обидеме да спроведеме иницијатива што се заговараше неколку години, според која можат да се внесат новини во гласањето. Според оваа иницијатива, преку користењето на електронскиот отпечаток, или фингерпринт, побезбедно и поточно ќе се спроведува гласањето во државата, а со тоа оваа модерна технологија и техника ќе ги анулираат сите слабости на изборните процеси што се користат досега – вели Дерковски.

Во контекст на актуелните случувања за споменување е и фактот дека мандатот на претседателот Ѓорге Иванов истекува на почетокот на мај. Според Уставот, изборот на нов претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот. Според најавите, се очекува претседателските избори да бидат распишани на 3-ти наредниот месец.

Во меѓувреме, партиските кујни на големо работат и се подготвуваат посебно околу можните имиња што ќе бидат лидери во нивната трка за шеф на државата.
По гласањето на уставните измени на 15 јануари, партиите интензивно ќе започнат со преговори за избор на свој кандидат. СДСМ и ДУИ ќе водат разговори да настапат со заеднички кандидат. Од двете партии, засега сѐ уште не откриваат имиња, но како најсериозни кандидати ги посочуваат Стево Пендаровски, Никола Димитров, Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Бујар Османи и Имер Селмани.

Последна изјава на оваа тема имаше премиерот Зоран Заев, кој во петокот на прес-конференција изјави дека посакува консензуален кандидат за претседател.
– Посакувам да имаме консензуален кандидат за претседател, кој ќе биде татко на нацијата и зад кој ќе застанеме сите – рече премиерот, одговарајќи на новинарско прашање, по потпишувањето на договорот за заем за изградба на фотонапонската централа „Осломеј“, во Владата на РМ.

Заев изјави дека досега не е отворен процес во врска со утврдување кандидат за претстојните претседателски избори, бидејќи во тек е сериозен процес за завршување на постапката за уставни измени во парламентот.
Премиерот најави дека веднаш потоа ќе ја отворат дебатата за избор на кандидат и посочи дека му е драго што има кандидати, но дека ќе треба да се види кои од нив ги сакаат граѓаните.

– Посакувам да имаме консензуален кандидат од сите, да имаме човек што ќе биде татко на нацијата зад кој ќе застанеме сите – рече Заев и додаде дека се надева оти ќе биде избран кандидат зад кој ќе биде чест да застанат и да го промовираат како иден претседател на Република Македонија.

Претходно премиерот во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“ објасни дека нема да биде кандидат за претседател, бидејќи не сака да ја загуби радоста на моментот кога ќе се имплементира договорот со Грција.

Заев за грчкиот весник вели дека „следниот претседател треба да ги претставува сите граѓани, бидејќи сегашниот, со целата почит, не ги исполни очекувањата во целост“.
Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ вчера објави јавен повик за пријавување кандидати за избор што ќе се изврши на партиска конвенција на 16 февруари. И тие очекуваат сериозна победа, со оглед на фактот што ќе промовираат нови политики во периодот што следува.

Во десничарскиот табор, како најсериозни имиња се споменуваат поранешниот министер за финансии Трајко Славески и пратеникот со долг стаж Влатко Ѓорчев, додека лидерот Христијан Мицкоски најави дека нема намера да влезе во трката за шеф на државата. Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека се подготвени, доколку власта реши така, заедно со претседателските да се организираат и предвремени парламентарни избори, но за нив да се испочитува договорот според пржинскиот модел.

Натаму, Алијансата на Албанците и Беса, според тоа што е изјавено во медиумите, не ја исклучуваат можноста да настапат со заеднички кандидат на изборите, но за тоа треба да одлучат органите на партиите.

Вилата Водно е официјалното работно место на Претседателот на Република Македонија
Фото: Дарко Андоновски