Марјан Ѓуровски, универзитетски професор и познавач на регионалните политиколошки состојби и црковно-верски прашања и односи, вели дека очигледно СПЦ продолжува со старата политика на негирање на нашата црква. Сепак, вели дека, од своја страна, МПЦ-ОА останува на правецот што води кон Вселенската патријаршија и тоа е единствениот вистински и канонски правец

Кратко траеја надежите дека новиот српски патријарх Порфириј ќе ја промени политиката на Српската православна црква во однос на македонското црковно прашање. Во првото негово подолго интервју за српската телевизија РТС, патријархот Порфириј, коментирајќи ја изјавата на нашиот митрополит Петар, во која тој вели дека се надева оти новиот српски патријарх ќе има разбирање за Македонската православна црква-Охридска архиепископија, Порфириј ги урна сите надежи. Тој посочува дека нема да има ниту помалку ниту повеќе разбирање за МПЦ од своите претходници.
Дециден е и цементирајќи ја позицијата на својот претходник, но и на својот духовен ментор, бачкиот епископ Иринеј Буловиќ, дека за СПЦ црковното прашање во Македонија е затворено со Нишкиот договор и дека кој сака има каде литургиски да учествува, на тој начин праќајќи ги македонските православни верници во црквата на Врaнишковски.
– Секој од нас остава некој свој посебен печат. Во овој момент нашата црква, по Нишкиот договор, најде решение со кое за охридски архиепископ го избра и постави архиепископот Јован. Така што сите православни верници имаат можност за учество во литургискиот живот, но таа тема останува отворена и верувам дека нашиот собор секогаш ќе биде подготвен да се дојде до решение што е во рамките на каноните, без какви било политички притисоци и влијание, какви што ги има од почетокот на расколот, па и денес – вели патријархот Порфириј во интервјуто.

Марјан Ѓуровски, универзитетски професор и познавач на регионалните политиколошки состојби и црковно-верски прашања и односи, вели дека очигледно СПЦ продолжува со старата политика на негирање на нашата црква.
– Од своја страна, МПЦ-ОА останува на правецот што води кон Вселенската патријаршија и тоа е единствениот вистински и канонски правец. За жал, и новиот српски патријарх го негира историското и канонско право на Вселенската патријаршија за апелација, кон кое право прибегна МПЦ со синодска одлука. Оттука, јасен е заклучокот дека од патријархот Порфириј не треба да очекуваме нешто ново и позитивно за нас. Има шанса српскиот претседател Александар Вучик? да го искористи своето лидерство и да изврши влијание врз својот пријател, патријархот Порфириј, да се реши овој спор со признавање на автокефалноста на Македонската православна црква. На крајот, тука исклучиво е апелациско право на Вселенската патријаршија да нѐ прими во литургиско единство со другите православни цркви – објаснува Ѓуровски.
Се надева дека Вучик? ќе го затвори ова прашање преку неговото влијание во Српскиот црковен синод, бидејк?и нема други отворени прашања мег?у нашите два народа и држави.
– Инаку, со или без патријархот Порфириј и неговиот ментор Иринеј, ќе се реши спорот. МПЦ е факт и реалност. Жива црква. Или ќе си подадеме рака или под грижа ќе нѐ земе Вселенската патријаршија и на крајот низ еден процес ќе даде томос за признавање. Чекор по чекор. На повидок е радосната вест.

За поздравување се ангажманот и доставените писма од претседателот Пендаровски и премиерот Заев до вселенскиот патријарх. Искажаната подготвеност од претседателот Пендаровски и од државата и заложбата во Цариград се ветер во едрата да испловиме во морето мег?у другите православни цркви во светот. По евентуалното заедничко богослужење, никој не може да го врати времето и неоспорното право на вселенскиот патријарх Вартоломеј како најповикан да го реши македонското црковно прашање – заклучува Ѓуровски.
Вселенската патријаршија изминативе неколку месеци го стави на маса прашањето за МПЦ-ОА, но го чекаше изборот на новиот патријарх.

[email protected]