Откако ја положи заклетвата, новиот претседател на земјава, Стево Пендаровски одржа говор во Собранието пред присутните претставници на дипломатскиот кор, министрите, поранешните претседатели и високи државници од регионот, велејќи дека ќе биде претседател на сите граѓани, а не само на оние коишто гласале за него.

-Речиси да не постои една држава којашто е толку мала, а која е поделена по толку основи. Повеќе нема да го дозволам тоа- порача новиот претседател.

Првата работа којашто ќе ја направи, рече тој, е дека ќе подаде рака за соработка со опозицијата. Оваа изјава немаше кој да ја чуе, бидејќи столчето во Собранието предвидено за лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски остана празно.

На свеченоста не беше присутен ниту премиерот Зоран Заев, кој претходно преку видео порака му ја честиташе инаугурацијата на Пендаровски и му посака да биде претседател на сите.

Владата претходно соопшти дека Заев од приватни причини користи годишен одмор, што наиде на критики во јавноста поради периодот во кој што се случува неговото отсуство.

Пендаровски потенцираше дека нема да го толерира непотизмот и корупцијата, ќе го поддржи граѓанскиот сектор кој досега бил маргинализиран, толерантно ќе ги поднесува критиките на неговата работа од страна на медиумите и ќе се залага за реформи во разузнавачките служби.

-Имам јасна цел да дадам конкретен придонес во поддршка на граѓанскиот сектор каде што се ангажирани голем број на квалитетни луѓе и кој со години беше непотребно маргинализиран. Понатаму, ќе дадам поддршка за креирањето на амбиент за слободна работа на медиумите кои се столб на секоја демократија и во таа смисла, верувам дека уште во кампањата демонстрирав, а, се разбира, тоа ќе го правам и понатаму, многу повисоко ниво на толерантност во трпењето критики за мојата работа, дури и критиките без аргументи, бидејќи сум уверен дека не треба да постои горна граница за медиумската критика кога станува збор за известување од работата на јавните личности- рече новиот претседател.

Во однос на делот кој спаѓа во директна надлежност на претседателот, Армијата и дел од безбедносно-разузнавачкиот апарат, Пендаровсаки јавно да објави, дека сите промоции во тие структури ќе бидат во согласност со законите и професионалните референци на кандидатите, а за највисоките позиции и во соработка со владата, Собранието и опозицијата.

-Реформата на службите мора да се одвива според моделот на конституирањето на ОТА за кој што постоеше консензус меѓу власта и опозицијата. Системските реформи и неопходната кадровска обнова во овие исклучително битни сегменти на државата мораат да бидат засновани на поширок политички и експертски консензус, затоа што е крајно време, по 30 години транзиција да изградиме професионални институции чија што работа нема да зависи од промените на власта. Време е да ги залечиме раните од минатото, нема резервна татковина- рече тој.

По свечената церемонија, предвидено е претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во кабинетот на претседателот.