Фото: Игор Бансколиев

Како пандемијата создаде медиумски амбиент за хиперпродукција на лажни вести и игнорирање на новинарските професионални стандарди од страна на квазиновинари и квазимедиуми? Но исто така е прашање како во пандемијата се изостри oсетот на читателот да се препознаат улогата и мисијата на професионалните медиуми во светот и во Македонија, но да се препознаат и издвојат и содржината и заднината на квазимедиумските кујни. Аналитичарите, сепак во ваквиот контекст потврдуваат дека токму печатените медиуми, поточно весниците во Македонија имаат свој белег и своја вредност со која се одвојуваат од остатокот во медиумскиот пејзаж

Трети мај, Светскиот ден на слободата на медиумите

Со какви предизвици се соочуваат медиумите во Македонија во екот на пандемијата на ковид-19 и во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај? На ова прашање побаравме одговори од домашни и светски експерти, како и од преставници на новинарските здруженија.
Директорката на Македонскиот институт на медиуми, Билјана Петковска, вели дека Македонија го пречекува Светскиот ден на слободата на медиумите во сенка на состојби на стагнација во развојот.
– Се добива впечаток дека властите во земјата подолг период стагнираат во нивните определби да ги подобрат состојбите во кои функционираат медиумите, кои пак истовремено пред неколку години беа нотирани во извештајот на Прибе – вели Петковска.
Според неа, во овој документ беа адресирани многу трансформации, кои за жал не се случија, а државните чинители и на минатата и на оваа владејачка гарнитура не придонесоа кај медиумите да се создаде клима во која ќе се забележи суштински ангажман во овие процеси.
Петковска вели дека во периодот што следува, на нашето општество и на медиумите им се потребни коренити и суштински промени со кои законските усогласувања на Македонија и состојбите во медиумите во земјата ќе бидат слични и еднакви со оние во Европската Унија.

Според неа, главни приоритети за наредниот период што следува за Македонија би требало да биде усогласување на медиумските закони со европските правила, подобрување и поттикнување на економската средина во која функционираат медиумите, зголемувањето на новинарските права, но и условите за работа, како и иницирање многу промени од доменот на економската и социјалната сфера.
Натаму, потребно е ефикасно справување со информацискиот неред во Македонија и хаосот во интернет-сферата и многубројните манипулации и дезинформации, кои прават забуна кај граѓаните, особено од аспект на правилно информирање – вели Пековска.
Таа вели дека наредниот период треба од властите да се искористи за формирање економска клима во која би се овозможило подобро дејствување на традиционалните, печатени медиуми, кои во овие моменти имаат тешки услови за опстанок на пазарот. А таквите медиуми се многу неопходни од повеќе аспекти: од информативен карактер (проверени информации по сите новинарски стандарди), преку медиумска писменост до едукација, анализа и истражувања.
– Истовремено, печатените медиуми овој период требаат да го искористат и за развој и за подобрување на своето комбинирано дејствување, кое освен во печатена форма, треба да е во комбиниран модел со електронските пазари. Верувам дека идниот период печатениот медиум ќе го најде своето место и уникатност во Македонија по тоа што ќе се разликува во понудата што ја добиваат граѓаните од дигиталните изданија на преостанатите медиуми. Весниците во Македонија имаат свој белег и своја вредност со која се одвојуваат од остатокот во медиумскиот пејзаж.

Печатот во Македонија, и покрај тешките околности, може да опстои единствено ако понуди еден друг и поинаков квалитет на истражувачко новинарство и аналитичност, кој публиката ќе го препознае и вреднува, а истовремено и ќе го купува – заклучува Петковска.
Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) велат дека меѓународната федерација на новинари, на која ССНМ е полноправна членка, неодамна издаде „Бела книга за глобалната состојба на новинарството“.
– Ако кажеме дека првото поглавје е насловено „Убиено и затворено новинарство“, станува јасно за тоа кои се најголемите проблеми на професијата денес. Во последните 30 години се убиени 2.658 новинари, а во моментов 235 новинари се во затвор. Во Македонија, за среќа, не бележиме фатални ситуации, но длабоко поделената јавност, која се храни од омраза и вербално насилство, создава атмосфера во која да се биде новинар, снимател, фоторепортер, значи да се биде изложен на сериозен ризик. Затоа ССНМ и ја предложи и ја води заедно со ЗНМ иницијативата за промени во Кривичниот закон и за институционална заштита на новинарските екипи додека работат – истакнуваат оттаму.
Според Синдикатот, друга невралгична точка со која се соочува професијата и глобално, но и кај нас, е секако – заканата од системските малициозни фабрики за лаги, кои се претставуваат како новинарство.
– Затоа инсистирањето на квалитетно и етично новинарство е приоритет. Независно од платформата од која тоа се пласира – велат од ССНМ.
Оттаму информираат дека токму затоа во овие моменти се потребни иновативни, нови начини на работа и преобмислување на новинарството.

– Особено за традиционалните медиуми, како печатените на пример, кои со години поради дигитализацијата се во криза, пад на тиражите и слично. Поради разноликост на платформите и начините на информирање во светот, како и кај нас, се поддршка од државите на печатените медиуми, но тоа мора да биде проследено и со модернизација на работата, користење на сите дигитални алатки што им се на располагање на редакциите и почитување на работничките права на медиумските работници со цел објективно и професионално известување на јавноста – заклучуваат од ССНМ.
Во изјава за „Нова Македонија“, пензионираниот американски новинар Мајк Бечер, кој е еден од основачите на Си-ен-ен, вели дека Светскиот ден на слободата на медиумите го празнуваме за да ја прославиме моќта на слободните медиуми дури и во тешки времиња, како што е ова, кога светот живее со пандемијата на коронавирусот.
– На овој јубилеј им оддаваме почит на медиумските професионалци, кои се посветени на принципите на слободата на говорот и во некои случаи во светот тие ја жртвувале нивната безбедност, па дури и живот, за да ја завршат својата работа во служба на јавниот интерес. Токму пандемијата беше вистинското време да се препознае улогата на професионалните медиуми и во Америка и во Македонија. Верувам дека ризиците за сите колеги на двете страни на Атлантикот беа исти, многумина заболеа, а некои од нив дури и починаа – вели Бечер.
Инаку, секоја година на 3 Мај припадниците на новинарската професија ги слават фундаменталните права и слободи, прават евалуација на слободата на медиумите во светот, преземаат чекори за одбрана од нападите врз нивната независност и се сеќаваат на своите колеги што ги загубија животите, практикувајќи ја новинарската професија.

Сето ова се случува денес, и тоа по 28. пат, откако во 1993 година Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи овој ден за Светски ден на слободата на медиумите, усвојувајќи ја препораката од 26-та сесија на генералната конференција на УНЕСКО две години претходно.
Токму затоа 3 Мај е ден за потсетување на владите за потребата да ги почитуваат и спроведуваат своите заложби за слобода на медиумите, ден за рефлексија кај медиумските професионалци, како и ден за сеќавање на новинарите што ги изгубија животите, вршејќи ја својата работа.

[email protected]