Колку медиумите, новинарите и репортерите се важна алатка во спречувањето и спротивставувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата, кои водат до тероризам? Ова се некои од темите на кои се говореше на јавната дебата организирана од „НЕКСУС граѓански концепт“, во рамките на проектот поддржан од Европската комисија и Балканскиот фонд за демократија на германскиот Маршалов фонд, на која учествуваше и „Нова Македонија“.
Директорката на „НЕКСУС граѓански концепт“, Афродита Муслиу, изјави дека информациите, вестите и приказните што ги споделуваат медиумите можат да бидат важна алатка во превенција на екстремизмот и тероризмот бидејќи тие се едни од актерите што придонесуваат во улогата на земјата за борба со овој феномен.
Сепак, Муслиу додаде дека истите чинители доколку ги споделат информациите без да ги проверат или, пак, го сторат тоа поради сензационалистички причини, возможно е кај јавноста да предизвикаат страв, паника и хаос и на тој начин дури да поттикнат конфликт и војни.

– Неодамна бевме сведоци на избрзано и непромислено известување за терористичкиот напад во Виена, при што на Твитер и фејсбук-профил на еден главен уредник на реномиран австриски медиум беа споделени избрзани информации без да се проверат, кои велеа дека млад човек од Виена од албанска националност и со потекло од Македонија ги извршил нападите. За кратко време оваа информација без да се провери потоа беше преземена од огромен број странски и домашни медиуми и беше публикувана. На овој начин се изврши одредена стигматизација на одредена група луѓе, бидејќи се изврши т.н. етничка стигматизација на една цела заедница и нација – рече Муслиу.
Таа истакна дека за да се спречат вакви состојби новинарите треба да бидат водени од новинарски наративи, да го следат новинарскиот кодекс на работа и да известуваат правично и професионално, бидејќи само на тој начин може да се спречат несаканите ефекти од оваа област.
Селма Зековиќ, претставничката на ОБСЕ-мисијата на Босна и Херцеговина, изјави дека терористите во своите операции многу софистицирано дејствуваат и тие многу добро знаат да го користат влијанието на медиумите.

– Преку неправилното известување на новинарите, терористите успеваат да ја искористат моќта на медиумите и тие индиректно да станат нивни мегафони преку кои ќе се шират нивните пораки, а тоа се и целите на тероризмот, како омраза, страв и политичко влијание – рече Зековиќ.
Борче Петревски, национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, поентираше дека на полето на превенцијата одговорните новинари и медиуми се главниот акцент за борба со тероризмот и екстремизмот, која во последните години првенствено се води пред сѐ во делот на превенцијата во Македонија.