Фото: Дарко Андоновски

Што мислат аналитичарите за најавите на најголемата опозициска партија за своевиден „бојкот“ од нивна страна на реформските процеси како и нивно неучество во процесот Жан Моне

Последните правно-политички бранувања, предизвикани од повторно активирање на судските истраги за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, претставуваа своевидна иницијална каписла, пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се закани со одредена форма на бојкот на работата на парламентот. Имено, Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека нема да ги поддржат реформите на власта доколку не се одреди нов главен јавен обвинител на нивни предлог. Оваа изјава на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше брза реакција, откако во Собранието пристигна барањето од Основниот суд да му биде одземен пратеничкиот имунитет на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, поради истрага за вмешаност и организација на настаните од 27 април.

– Претходно имаше осум случаи со симнување на пратенички имунитет и сега уште еден за пратеник од редовите на опозицијата, која нема да го толерира ваквото однесување. Пратеничката група нема да ги поддржи системските промени и закони додека власта не се согласи на јавен обвинител по предлог од опозицијата – констатира координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, и додаде дека донеле одлука да не учествуваат понатаму во процесот „Жан Моне“, од каде што потекнуваат сите реформски закони што се бараат од Европската Унија.

Покрај оваа најава за своевиден „мек бојкот“ на реформските процеси, Мицевски обвини дека со проширувањето на истрагите и обвиненијата за 27 април, власта предизвикува директно уривање на предизборниот амбиент, што претставува директна закана за легитимноста на изборите. Покрај тоа што земјата е веќе во предизборен амбиент со распишани претседателски избори, од голема важност за политичките процеси поврзани со евроинтеграциите, се токму системските реформски закони. Според аналитичарите, како никогаш досега е важна препораката на Европската комисија за почеток на преговорите за членство во ЕУ и секако одредување на вистински, неусловен датум за отворање на преговарачките поглавја. Ваквите очекувања го отвораат прашањето колку „замрзнувањето“ на учеството на опозицијата во процесот „Жан Моне“, може да влијае барем на усвојувањето на реформските закони.

– Како прво, во овој момент нереално е барањето на опозицијата за јавен обвинител по нивни избор, кога се во ек судски процеси во кои се инволвирани нивни членови. Тоа претставува едно неиздржано политичко условување. Во однос на најавите дека нема да ги поддржат системските реформите во Собранието, верувам дека ќе бидат под голем притисок, и надворешен и внатрешен, да не ги спроведат таквите закани.

Видливи се напорите на другите политички чинители, опозицијата да биде интегрирана во тековните политички и реформски процеси. Бојкотот се покажа како непродуктивен за самата опозиција и беше на нивна штета. Тие тоа го знаат и верувам дека нема да одат докрај со заканите. Бездруго, во Собранието веќе има бројка од 80 пратеници, кои претставуваат потребно двотретинско мнозинство за изгласување на реформските закони. Со евентуален бојкот на работата на Собранието, опозицијата ризикува самата да се стави во изолација – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.