Министерката за образование и наука Мила Царовска смета дека подготвувањето целосно нова реформа ќе гарантира подобро и поквалитетно образование.
– Остануваме посветени и вложуваме во подобри услови и во нови образовни програми, со кои ќе ги поттикнеме најмладите критички да размислуваат и да фатат чекор со нивните врсници од најразвиените земји. Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина – истакна Царовска во обраќањето по повод Меѓународниот ден на образованието.
Според неа, учениците се херои што им покажале на сите дека може да се постигнат резултати и при учењето на далечина и одржале лекција за приспособување и прифаќање на променетите услови, за учење и просперитет и во вонредни околности.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не негира дека се потребни реформи во образованието, но бара тие да се спроведуваат откако ќе биде организирана јавна дебата по ова прашање.
Новата концепција за образованието, МОН ја презентираше пред крајот на минатата година и таа предвидува интегрирање на неколку предмети во два: природни и општествени науки, што предизвика бурни реакции во јавноста.