Фото: Маја Јаневска-Илиева

По петнаесетгодишниот статус на земја-кандидатка за членство во ЕУ, Македонија, се чини, повторно е пред нов почеток во своите европски аспирации, со воведувањето на новата методологија за преговарање за полноправно членство во Унијата.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самоел Жбогар, на прес-конференција пред македонските медиуми го искажа својот став дека новата методологија за преговарање претставува вин-вин позиција и за ЕУ и за земјите-кандидатки од Западен Балкан.
– Унијата го препознава проширувањето како стратегиска инвестиција, за Унијата да биде стабилна и обединета. За регионот е важна реафирмацијата на фактот дека целосното членство е целта на процесот за пристапување. Целта на документот за новата методологија е да го разбие или да го побие начинот на кој досега се водеше пристапниот процес, кој во последно време ја губеше енергијата, на двете страни.

Целта е повторно да се воспостават верба и увереност меѓу земјите-членки и земјите-кандидатки, кои беа исто така загубени во минатите години… Целта и за едните и за другите е да се придвижиме од принципот малку по малку, спрема повеќе и повеќе во заедничка авантура на патот што ќе го одиме заедно. За земјите-кандидати тоа значи дека кога велат правиме реформи, тоа навистина да го прават, да ги реформираат општествата, а не само да ги адаптираат законите. Од наша страна, значи да говориме чесно и искрено за процесот на напредување, односно кога зборуваме за пристапување кон ЕУ, тоа да значи дека навистина мислиме дека патот води кон ЕУ – изјави евроамбасадорот Жбогар.

Тој нагласи дека иако ЕК ја завршила својата работа со подготовката на документот, сега земјите-членки треба да го разгледаат и да го усвојат, за што се надева дека ќе се случи на состанокот на ЕУ, на крајот на март, но не верува дека тогаш ќе се отвори и прашањето за доделување датум за почеток на преговорите.
На новинарско прашање за конкретната примена на новата методологија, односно принципот на отворање и затворање одредени кластери и поглавја од кластерите, евроамбасадорот Жбогар призна дека документот сѐ уште е нов, па не се процесирани сите детали како ќе се утврдува напредувањето или назадувањето во преговарањето, за да се отворат нови кластери.

Познавајќи го функционирањето на македонските институции, Жбогар смета дека постојат капацитети за реформи според критериумите од новата методологија, но и понатаму е отворено прашањето дали има политичка волја. Во контекст на актуелните политички разногласја, за законот за Јавно обвинителство и законот за реформи на изборниот систем, евроамбасадорот Жбогар ја повтори констатацијата на еврокомесарот Вархеи при посетата на Скопје, дека тие не се услов за добивање датум за преговори, но треба да се донесат.