Смислено, организирано негирање на засебноста на Македонците

„Нова Македонија“ во неколку продолженија донесува извадоци од книгата ‚‚Македонското прашање од 1994 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“ од Чавдар Маринов. Маринов е доктор по историја и цивилизации, Бугарин, научен соработник на француската школа во Атина. Книгата на македонски јазик е издадена од фондацијата „Отворено општество“. Во неа бугарскиот историчар ја опишува бугарската политика по македонското прашање во комунистичкиот период и неколку години потоа. Весникот во четири продолженијата ќе го презентира делот во кој Маринов посебно пишува за прашањата за јазикот, за децениската борба на бугарската лингвистика и политика во неуспешното докажување дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Неговите вистини наидуваат на отпор во бугарската политика и публицистика, а од многумина е прогласен за бугарски предавник. (Насловите и меѓунасловите се редакциски)

Нова бугарска политичка линија за македонското прашање (1)

Во април 1967 г., Политбирото на ЦК на БКП (Централен комитет на Бугарската комунистичка партија) се обидувало да изработи детали од „марксистичко-ленинистичка“ позиција кон македонското прашање и, оттаму, да реформулира одредени принципи од бугарско-југословенските односи. Иако препорачувало приближување на бугарските и на југословенските погледи во врска со „јаболкото на раздорот“, Политбирото ги формулирало и принципите на еден мошне тврдокорен став: 1) бугарското раководство му се спротивставува на „фалсификувањето“ на „историските факти“, бидејќи тоа не наоѓа „историски и научни“ податоци што го докажуваат постоењето на македонска нација, држава или јазик пред 1945-та; 2) тоа го признава постоењето на македонска социјалистичка република во рамките на Југославија, каде што, почнувајќи од 1945 г., почнала да се формира македонска национална „свест“; 3) бугарските водачи ги отфрлаат сите можни претензии во врска со „населението на Благоевградскиот округ“, кое претставува „неразделен дел (неразделна част) од бугарската нација“; 4) тие планираат да настојуваат кај нивните југословенски колеги на правото за слободно национално самоизјаснување на „сите оние што живеат во Македонија и се сметаат како Бугари“.

Голема спрега меѓу политиката и науката

Во согласност со овие тези, трасирани биле grosoo modo многубројни иницијативи на меѓународен и на внатрешен план. Бугарската академија на науките (БАН) требало да ја координира активноста на сите бугарски историчари, книжевни и филолошки научници, за изработка на заедничка позиција во врска со историјата, со културата и со јазикот „во Македонија“. За да се пропагира оваа нова политика истовремено и внатре и надвор од земјата, резолуцијата предвидувала забрзано објавување историски документи, објавување популарна историја на Бугарија на меѓународни јазици (руски, француски, англиски, шпански) и „корекција“ на школските учебници за општествени науки. Академијата и Универзитетот во Софија биле повикани да „охрабруваат“ странски научници да објавуваат дела за македонското прашање во согласност со историската вистина (историческата правда).

Последната резолуција била и „подобрена“, бидејќи документот од 1967 г. во голема мера ги повторувал исказите на Тодор Живков од март 1963 г., во врска со „создавањето“ на македонската национална свест. Таа, пак, била видена како резултат од „денационализација“, која се должи на одредени историски фактори: доцното „ослободување“ на Македонија од „турското ропство“, режимот на кралска Југославија, раководната улога на КПЈ во локалната „антифашистичка“ борба, како и создавањето македонска нација „од горе“ во рамките на социјалистичка Југославија. Но овој пат бил засилен еден мотив, веќе делумно започнат од Живков. Бугарското раководство верувало дека со поцврста позиција за отсутноста на историска легитимност и општо за „непостоењето“ на македонски национален идентитет, таа би можела да ги сврти во своја корист идентитетските тенденции во југословенска Македонија.
Документот од Политбирото прецизирал дека југословенската власт претрпела „порази“ во нејзините напори да формира македонска нација на „забрзан“ начин, додека во рамките на Македонија се зголемувало бугарското влијание. На овој начин, бугарското раководство не било далеку од планирање идна „ребугаризација“ на Македонците.

Комунистичкото раководство диктира директиви

По приближно една година, овој документ бил следен од конкретни мерки, одобрени од Секретаријатот на ЦК на БКП. Овие директиви се датирани од 12 март 1968 г. и заслужуваат посебно внимание, бидејќи поттикнуваат низа значајни долгорочни стратегии и иницијативи. Академијата на науките уште еднаш требало да предложи заедничко мислење на истражувачите од повеќе области во врска со историската припадност на Македонија. Но, настрана од свечените меморандуми со слаба ефикасност, Секретаријатот иницирал огромна научна и издавачка активност посветена на минатото, на културата и на јазикот на „македонските Бугари“, во која биле ангажирани, практично, сите културни и академски институции (по општествени науки). Посебна важност им била доделена на собирањето и издавањето архивски материјал, „особено грчки, турски и српски“, во врска со историјата „на Балканот и на бугарските земји‚‚..

Очигледно, раководството на Партијата (како и придружната академска елита) било мошне убедено дека архивските податоци можеле само да ги зајакнат бугарските аргументи што се однесуваат на македонското минато. Меѓу другото, акцентот ставен врз архивите на соседните земји покажува до кој степен балканолошките студии (балканистика), започнати во истиот момент од еден специјален институт во рамките на Академијата на науки, биле мобилизирани за патриотски цели. Идејата да се истражат посебно „српските“ архиви открива извесна надеж за борба против „македонизмот“ со помош на средствата на самите негови „создавачи“ во Белград. И авторитетот на УНЕСКО бил, исто така, мобилизиран во потрагата по „древни историски документи“, чувани во архивите на „разни држави“, кои би можеле да фрлат светлина врз историската „вистина“ за Македонија: овие документи требало да бидат префрлени во Бугарија за потоа да бидат искористени од бугарските истражувачи.

Нова „поправка“ на сите учебници

Од друга страна, бугарските архиви биле предмет на целосна цензура: во рок од една година специјалистите требало да подготват инвентар на документи „што треба да се објават или да им се доверат на научни работници од нашата земја или на странци“. Така, раководството на бугарската партија и држава го презело уредувањето на „историската вистина“, кое го спречувало протекувањето на информации што се сметале за „непријатни“ и нивно користење, особено од страна на југословенските историчари. Изложбите во историските музеи во земјата требало, исто така, да бидат преправени „во согласност со историската вистина“. Оваа мерка ги засегала особено музеите од Благоевградскиот округ, каде што раководството на партијата ја иницирало реставрацијата на историските локалитети и споменици „поврзани со минатото на бугарскиот народ“. На овој начин, предмет на контрола и цензура не биле само документите и артефактите, туку и пејзажот на Пиринската област бил подложен на еден симболичен инженеринг, кој го опсипал со значења што ги афирмираат бугарскиот патриотизам.

Истовремено, раководството на БКП започнало целосна „поправка“ на сите учебници за подобро да соодветствуваат на „историската вистина“ за Македонија и за улогата на „Бугарите од Македонија и Тракија“ (западна и источна) во бугарската историја. Министерството за народна просвета пред крајот на 1970 г. требало да ги прегледа, да ги преработи и да ги преобјави учебниците по историја, по литература, по географија и по други дисциплини за сите школски нивоа и институции. Агитпропот на партијата, исто така, се вклучил во издавањето учебни помагала за македонското прашање.
Се разбира, посебна важност му била доделена на активното пропагирање на „историската вистина“ за Македонија во странство – потфат без кој иницијативите во внатрешноста на земјата би можеле да бидат оспорени. Академијата на науките, во координација со Институтот за историја на Бугарската комунистичка партија (администриран од Централниот комитет на партијата), требало да поканува реномирани советски научници (слависти, балканолози итн.), за да ги запознае „во подобна форма“ со одредени историски документи и со бугарската позиција за македонското прашање. Сепак, започнатата пропаганда не се ограничувала само на „братските“ советски академици.

Директивите повикувале на зголемување на стипендистите од „социјалистички и капиталистички земји“, кои студирале балканолошки студии во Бугарија. Академијата, овој пат со Државниот комитет за уметност и култура, требало да стапи во контакт со светски познати научници и да им предложи специјални договори (контрактации), вклучувајќи и објавување текстови за Македонија, напишани „во духот на историската вистина“.
Институциите одговорни за политичката и за културната пропаганда во други земји, како „Комитетот за пријателство и културни односни со странство“ и „Словенскиот комитет“, исто така, биле повикани да ги снабдат европските и американските научници со бугарски публикации во врска со македонското прашање. Истите специјалисти требало редовно да бидат канети во Бугарија на „разговори“ и на „состаноци“, посветени на „осветлувањето“ на ова прашање. Така, организирањето меѓународни форуми, објавувањето и ширењето дела на бугарски и на странски јазици од страна на научните институции, биле придружени од средствата на дипломатскиот притисок.

Македонските народни песни да бидат бугарски

Особено внимание му било посветено на идеолошкото „образование“ на „бугарската“ дијаспора, вклучувајќи ја и онаа од Македонија, кое би можело да послужи за „освојување“ на „добри“ научници. Една богата палета на мерки требало да дејствува врз начините на самоидентификување на македонските иселеници (курсеви за бугарски јазик при амбасадите, ширење „научни материјали“ за историјата на Македонија, финансиска или друга помош за пробугарските списанија во САД, Канада, Аргентина и во Австралија). Важноста на Македонија во пропагандната активност во странство, преземена од комунистичка Бугарија, била видлива во идејата, поведена од Секретаријатот, да ја концентрира целата „работа“ околу македонското прашање во рамките на Словенскиот комитет.
Акцентот врз македонскиот фолклор од 50-тите години на 20 век, исто така, бил зајакнат, но од други причини: собирањето народни песни и проучувањето на традициите на „населението од Пиринската фолклорна област и други делови на Македонија“ требало да ја докаже нивната припадност на „заедничката ризница на бугарското народно творештво“.

Државната фирма „Балкантон“ требало да шири плочи што содржат снимки од ансамблот за народни песни „Пирин“ и од фестивалот „Пирин пее“. Отсега, политизацијата на фолклорот и особено на музичкото наследство, толку карактеристично за комунистичкиот режим во Бугарија, ќе ги измеша, во форма на „измислена традиција“, постојаните граници меѓу наследството, современата интервенција на професионалните композитори и патриотскиот кич. Киното и телевизијата, исто така, не биле заборавени: државната кинематографија требало да создава уметнички и документарни филмови за историјата на револуционерните борби на Македонија и се планирала изградба на телевизиски предавател на планината Пирин.

(продолжува)