Од вчера почна исполнувањето на договореното со спогодбата од Преспа. Во следниот период ќе следува промена на знаци, табли пред институции, печати, меморандуми, ќе се изработуваат плочки за пред спомениците, а за сето ова ќе мора да се одвојат пари од буџетот што, секако, ќе се одрази и врз џебот на граѓаните, кои ја полнат буџетската каса

Никој не знае колку финансиски ќе чини промената на името на државата во Република Северна Македонија и како ќе се одрази тоа врз џебот на граѓаните, бидејќи во согласност со спогодбата од Преспа, која веќе стапи во сила, предвидени се цел пакет мерки, од промена на граничните табли, нови регистарски таблички за возилата, налепници врз пасошите, па до воведување во оптек нови банкноти.
Според роковникот што го донесе Владата, таблите на границата и на двата аеродрома треба да се променат во рок од три дена, новите регистарски таблички треба да почнат да се издаваат за четири месеци, новите пасоши од крајот на годината, а новите банкноти ќе се воведуваат од 2020 година. Повеќето институции чекаат упатства од министерствата, за да знаат како да постапуваат во периодот што следува. Новите регистарски таблички ќе се појават во средината на мај и на нив на сината лента ќе биде втисната кратенката НМК наместо досегашната МК. Досега цената на табличките изнесуваше 1.200 денари, а според претходните најави на премиерот Зоран Заев, налепницата што ќе се лепи на табличките при излез од државата ќе биде бесплатна.

– Почната е постапката за итна набавка на налепници и тие ќе бидат набавени за неколку дена. Откако ќе бидат набавени, ќе се лепат на регистарските таблички на возилата што излегуваат од државата, на граничните премини – вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Според него, налепниците ќе бидат бесплатни.

– Рокот за изработка на новите регистарски таблички е до средината на мај – додава Ангеловски.

Во однос на пасошите, новите патни документи под името Република Северна Македонија ќе почнат да се издаваат кон крајот на 2019 година, а во периодот до издавањето на новите пасоши, на оние што ќе им истечат старите, ќе им бидат издадени пасоши со името Република Македонија, но во нив ќе стои печат со текст „Оваа патна исправа ѝ припаѓа на Република Северна Македонија“. Тие пасоши ќе бидат со рок од пет години, што значи дека потоа граѓанинот ќе мора да издвои повторно околу 1.800 денари за нова патна исправа, наместо да ја користи 10 години.

Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, смета дека целиот пакет промени што ги предизвикува промената на името ќе чини многу помалку од она што ние го добиваме.

– Сето тоа ќе чини многу помалку од тоа што ние стануваме земја со конечно обезбеден територијален интегритет, со конечна стабилност во Република Македонија и доаѓаме до фондовите, кои се многу повисоки од она што сега го користиме од НАТО и од ЕУ и тие се неспоредливо поголеми од она што ние го имаме како трошок – вели Жерновски.

Во следниот период ќе следува промена на знаци, табли пред институции, печати, меморандуми, ќе се изработуваат плочки за пред спомениците, а за сево ова ќе мора да се одвојат пари од буџетот. Иако засега никој точно не знае колку ќе ја чини државата, јасно е дека сето тоа на крајот ќе треба да го платат даночните обврзници.


Преименување и на институциите што содржат „македонска“, „македонско“, „македонски“

Замената на патните документи и регистарските таблички со новото име на државата ќе биде на товар на граѓаните. Новите регистарски таблички се очекува да бидат издадени кон средината на мај, а патните документи кон крајот на годината. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на вчерашната конференција во прес-центарот каде што беше поставено новото име на државата рече дека до издавањето на новите регистарски таблички ќе се користат налепници со ознаката НМК, кои ќе им бидат давани на граѓаните на граничните премини при излез од државата. Од друга страна, Министерството за внатрешни работи веднаш треба да ја започне постапката за набавка на новите патни документи, така што првите документи со новото име се очекува да бидат издадени кон крајот на годината.
– Старите документи остануваат во важност до истекот на техничкиот рок утврден со договорот од Преспа, а тоа се пет години. Ова значи дека секој граѓанин во рамките на редовната постапка кога ќе го менува пасошот, ќе го добие новиот и ќе ја плати цената што е редовна за замена на патните исправи – појасни Бошњаковски.
Имињата на градовите како Македонска Каменица и Македонски Брод, како што рече Бошњаковски, ќе останат исти, додека институциите што во своето име имаат „македонска“, „македонско“ и „македонски“ имаат рок од четири месеци да го променат името.
На граничните премини новото име ќе биде напишано на македонски, англиски и на јазикот што го говорат 20 проценти од граѓаните во таа локална самоуправа.