Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според експертите, повиците за општествено помирување не треба да бидат сфатени како правно помирување, а сторителите на делата за кои се товарат да останат неказнети

Помирување или помилување? Скриена порака или погрешна интерпретација на обраќањето на премиерот Зоран Заев во Собранието до опозицијата за време на дебатата за уставните измени? Што е во игра зад сцената на пленарната дебата за уставните измени и политичката калкулативност што ги замаглува принципите на правната држава и владеењето на правото? Ваков впечаток се создава во јавноста откако во екот на собраниската дебата пристигна и веста за ослободување од домашен притвор на тројца од вкупно петте пратеници опфатени со процесот што се води за „крвавиот четврток“. Дали се работи за чиста коинциденција за нивното ослободување во актуелниот политички момент или постои некаква спрега меѓу политиката и судската власт?

Ваквиот склоп на активности на домашната политичка сцена, но и предлогот на Владата до Уставниот суд со кој му се сугерира на судот да не ја прифати иницијативата за избегнување одговорност на функционерите гонети од СЈО е преседан за една правна држава, коментира дел од домашните познавачи. Тие мешањето на извршната власт во одлуки на судската и обратно го согледуваат како невообичаена особеност на една правна држава и демократија, која впрочем треба да биде во служба на народот, но не и за некакво меѓупартиско помирување со кое можеби ќе се прикрие политичка трговија на интереси. Според Уставот и законите, во државата постои јасна поделба на законодавна, судска и извршна власт и секоја од нив има свои надлежности и рамки на дејствување. Притоа, меѓусебно мешање во дејствувањето и работата или какво било друго мешање на други фактори отстрана, секако, е недозволиво за една функционална демократија и правна држава.
Во таа насока предлогот за помирување за настаните од 27 април, според професорката Мирјана Најчевска, е спротивен на сите пораки што ги добивме од Европската Унија. Таа во изјава за домашните медиуми вели дека доколку се случи амнестија, ќе се испрати порака дека има дела и обвинети за кои не важат законите на државата, смета Најчевска.

– Тоа ќе значи дека повторно и во оваа ситуација се откажуваме од владеење на правото, а го прифаќаме партискиот договор. Исто како со охридскиот и пржинскиот договор, наместо да пробаме да воспоставиме систем, ние се задоволуваме со договарање меѓу политичките партии и не успеваме да излеземе од тој затворен круг – вели Мирјана Најчевска, универзитетска професорка.

Смирувањето на вербалните тензии меѓу политичките неистомисленици, според политичкиот аналитичар Албер Муслиу, почнало по повикот на премиерот за политичко помирување, нешто што во дел од јавноста беше протолкувано како најава за амнестија. Според него, повиците за општествено помирување не треба да бидат сфатени како правно помирување, а сторителите на делата за кои се товарат да останат неказнети.

– Се надевам дека насоката во која се движат сите страни ќе биде насока на помирување и насока со која ќе се одразат важноста и големината на моментот наспроти нивните групни, лични и партиски интереси – вели Муслиу.
Во однос на препораките на Владата до Уставниот суд, во која му сугерира да не ја прифати иницијативата за избегнување одговорност на поранешни високи функционери осомничени од СЈО, која, според некои правни експерти претставува правен преседан, вели дека тоа е нормална работа на извршната власт да биде во комуникација со сите други институции во државата.

– Прво, ова изјаснување на Владата до Уставниот суд да не ја прифати иницијативата за избегнување одговорност на поранешни функционери од Владата за кои во моментов се водат постапки од СЈО не е ниту прва ниту последна таква иницијатива на нашите влади во минатото и не претставува никаков преседан во една правна држава. Тоа го имавме кога владата на ВМРО-ДПМНЕ го донесе Законот за лустрација, а го имаме и сега. Она што е најбитно во моментов е да имаме едно општествено помирување и како таква би можел да ја сфатам оваа иницијатива на власта што е актуелна во моментов. Парламентот, како свест и политичка волја на народот пренесена во законодавниот дом, мислам дека може да го направи тоа за да имаме едно големо општествено помирување што ќе придонесе за полесно имплементирање на договорот со Грција и подоцна наш брз влез во НАТО и ЕУ – заклучува Муслиу.
Политичкиот аналитичар на крајот додава дека тој смета дека амнестијата за која се зборува во овој момент ќе им наштети и на двете страни.

Околу неопходноста од безусловно функционирање на правната држава во полн капацитет, настрана политичките случувања, согласна е и експертската јавност.
Сашо Ордановски, политички аналитичар, смета дека следното најдобро нешто за понуда е функционална правна држава. И тоа не како можност туку сега веќе како животна неопходност. Сличен став има и професорот Љубомир Фрчкоски, кој исто така посочува дека ревитализацијата на правната држава е наша прва и најголема обврска.