ВМРО-ДПМНЕ по преземањето на одговорноста да ја води државата ќе ја врати прославата за Илинден на Мечкин Камен, изјави потпретседателот на партијата, Александар Николоски.

„Би сакал да го честитам празникот на сите Македонци, на сите граѓани кои што живеат во Македонија. Ова е најголемиот наш празник. Во исто време би сакал да споделам едно горчливо чувство за тажната слика за која што денес ја гледаме на Мечкин камен. За првпат после скоро осум децении традиционалната манифестација на Мечкин Камен не се случува заради хирот на власта, заради одлуката на власта да избега од сопствениот народ“, рече Николоски.

За тоа, додаде тој, денес Мечкин Камен е празен.

„Затоа власта бега од народот и за тоа измислуваат некакви си прослави кои што треба да се случат навечер без пригодни говори со некаква музичка манифестација и во некакви кралски манири каде што сите треба да чекорат позади еден“, рече Николоски.

Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот став на претседателот Пендаровски.

„ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот став на власта предводена од Зоран Заев и за тоа денеска реши ВМРО-ДПМНЕ да дојде тука на Мечкин Камен како што е редот, преку ден во периодот некаде после пладне кога секогаш се одржувала манифестацијата за прославата на Илинденското востание, да се поклони пред хероите, да положи свежо цвеќе и да одаде почит“, рече Николоски.

Она што можам да го ветам, додадетој, е дека веќе следната година сето ова ќе е повторно полно, живо, ќе се наполни тука на Мечкин Камен.