Центристичко-демократската интернационала (ЦДИ) денеска одржува состанок на Извршниот комитет, со кој претседава претседателот на ЦДИ, Андрес Пастрана. Поради состојбата со корона-кризата, состанокот се одржува преку видеоконференција. ВМРО-ДПМНЕ е претставена од потпретседателот Александар Николоски, кој во своето обраќање ги информираше претставниците на партии десни од центарот од цел свет за состојбата во Македонија, недемократската атмосфера во која поминаа изборите на 15 јули, поткупот и притисокот врз гласачите, нееднаквиот пристап за промоција на својата програма и кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, како и злоупотребата на вонредните состојби од страна на СДСМ.

Потпретседателот Николоски информираше и за активностите кои ги има партијата, изборот на Извршен комитет и генерален секретар, протестите кои ги организира партијата, како и активностите на пратеничката група во Собранието. Николоски информираше за лошиот менаџмент на корона-кризата од страна на Владата, како и бројните корупциски скандали.

ЦДИ е најголема светска организација на партии десни од центарот, конзервативни и христијанско-демократски партии. Во раководството на ЦДИ покрај претседателот Пастрана влегуваат и Антонио Лопез Истуриз како генерален секретар, а потпретседатели се лидерот на шпанската опозиција Пабло Касадо, премиерот на Словенија Јанез Јанша, Елмар Брок од ЦДУ Германија, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, поранешниот претседател на Либан Амин Гемајел.
ВМРО-ДПМНЕ е полноправен цлен на ЦДИ од 2018.