Оваа влада во суштина е влада на лагата. СДСМ ветуваше коалиција без ДУИ, а ДУИ ветуваше премиер. Заради коалиција без ДУИ дел од гласачите гласаа за СДСМ, а заради премиер дел од гласачите гласаа за ДУИ. Денеска гледаме дека ветувања не важат, гледаме дека ветувањата важат до завршување на изборната кампања и дека после тоа на сцена стапуваат интересите. И затоа е ова коалиција на лагата, изјави на денешната собраниска седница пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

– Ова е исто така коалиција на континуитет на криминалот и корупцијата којшто го гледавме во изминатите три и нешто години, кој што стигна до врвот во претходната, а е ве и нова влада. Ова е коалиција на изборни измами затоа што се вршеше поткуп, притисоци, немаше соодветен мониторинг на изборите, а корона кризата на најнизок можен начин се злоупотреби преку поделба на т.н. картички кои што селективно се делеа онаму каде што се очекуваа изборни гласови. Ова е коалиција на стари кадри кои што немаат што ново да понудат на македонската политичка сцена. Ова е коалиција на поларизацијата затоа што има само еден пратеник повеќе од она што е потребно за гласање во ова собрание и ќе е влада со најмало мнозинство во историјата на независна Македонија – истакна Николоски.

Тој додаде дека ова е влада на стари добро познати кадри кои најбрутално ја злоупотребија корона кризата прво за одлагање на изборите, а потоа за нивно распишување кога им одговараше и сето тоа со закани дека ќе одат сами на избори и затоа имаше ниска излезност, заради стравот кој се створи кај граѓаните, што дополнително го руши легитимитетот на избраните пратеници.

– Како никогаш во историјата на Македонија имаме пратеници кои не тежат ни 4.500 гласа споредено со изборни циклуси кога еден пратеник тежел и 10.000 гласа. Во однос на економијата многу ветувања слушнавме за жал, најголем дел од нив не се реализираа затоа што народот не живее подобро. Гледаме буџетска дупка само за оваа година од една милијарда евра. Некој ќе рече дека тоа е заради корона кризата, но не е само заради тоа, туку и заради недомаќинското работење. Граѓаните прашуваат каде се парите затоа што три години камен не се стави во Македонија, автопатите, болниците и железницата до каде беа, таму застанаа, а нови проекти не видовме – потенцираше Николоски.

Тој посочи дека се ветуваа 100.000 работни места, таква работа не гледаме, а сите читаме деновиве дека 40.000 работни места се изгубени во изминатиот период, се ветуваа покачени плати, таква работа нема, а има одредени сектори, пред се културата каде плати и не се делат.

– Во делот на земјоделието зелената мафија царува во Македонија, на ред е сега откупот на грозјето имаме историски најнизок откуп на грозје, а најголемиот дел ќе остане по нивите. Се ветуваа автопати, а Охрид – Кичево скоро и да не се гради, Штип – Радовиш не е ни до пола, Прилеп – Градско нема никој на терен и не работи. Новинари како никогаш претходно се во судови и се пред пресуди, затоа што изнесуваат вистини за работата на владата, како никогаш досега новинари се или предмет на судски процеси, истраги, а дел и осудени за т.н. издавање на службена тајна која се однесува на неправилностите на работењето на претходната и идна влада – вели Николоски.

Тој нагласи дека има стар нов предлог за министер за здравство кој освен личен пи-ар и злоупотреба на кризата ништо не направи за борба со короната, Македонија има околу 600 жртви, и се соочуваме со есен каде бројките ќе станат пострашни затоа што ништо не се презема.

– Се надевам дека конечно Македонија конечно ќе почне преговори со ЕУ, се ветува датумот три години, а датумот никој не го знае, сакам да поставам прашање. Никој не спомнува ништо за можното вето од Бугарија кое се најавува, и ништо во однос на условот на Бугарија за македонскиот јазик и клучните херои. Неспомнувањето на овие две работи дали значи откажување од македонскиот јазик и прифаќање на флоскулата официјален јазик и дали топа значи ќе се преговара околу Гоце Делчев и останатите личности од македонската историја – вели Николоски.

На крај тој се обрати до граѓаните и истакна дека ќе се гледаме по градовите и селата затоа што оваа коалиција е на лагата која ќе биде срушена на масовни демонстрации кои ќе почнат од оваа есен затоа што капацитет за реализација на ветувањата нема, а народот е излажан.