Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва побара брзи и предвремени избори во најкус можен рок, откако денеска не започна гласањето за доверба на Владата, а пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, не се појави во Собранието.

„Денес во Македонија се погази демократијата и се киднапираше пратеник. Ова е најкриминоген режим на просторот на Европа, им се одземаа мобилни телефони на пратеници, се чуваа пратеници во кабинети… Криминалниот режим по секоја цена сака да остане на власт“, рече Николоски и додаде дека најбрзото и наједноставно решение од оваа криза се брзи предвремени избори во најкус можен рок.

„Власта од денеска има 59 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ има 60 пратеници и има еден киднапиран пратеник кој се надевам дека ќе биде брзо ослободен“, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека вечерва го напуштаат Собранието и рече дека остава на власта што ќе прави со иницијативата за гласање доверба во Владата.