Додека Бугарија ги решава проблемите во Собрание, владата на Зоран Заев бега од носење на заедничка Декларација,  но и воопшто не ја информира опозицијата за што преговара во Софија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Трилинг“ на 24 ТВ.

Николоски потсетува дека Бугарија проблемот го најави од 2019 година и дека власта на Заев не успеа дотогаш да го искористи тој прозорец на можности и не ги исполнија реформите, а во меѓувреме упорно бега од градење на заедничка Декларација.

– Кога Бугарија прв пат најави дека може да прави проблеми на лидерска средба кај Пендаровски побаравме да се усвои заедничка Декларација во однос на состојбата со Бугарија. Откако бугарското Собрание на крај на 2019  ја усвои нивната Декларација, ние повторно побаравме и бевме одбиени. Во март месец тезите од бугарската Декларација беа ставени во одлуката за Македонија во делот на почеток за преговори. Власта тоа го криеше, јас го извадив 11 дена откако тој документ беше изваден. Ние побаравме уште еднаш Декларација и пак бевме одбиени, и воопшто немаме комуникација – изјави Николоски.

Тој потенцираше дека Бугарија проблемите ги решава во Собрание, додека во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ за ништо не е информирана од власта.

– Доаѓа т.н. Португалски предлог никој не го достави да го разгледаме заедно. Декларација бараме се одбива. Се молиме да има дебата на комисијата за надворешни работи, дебатата беше смешна и ништо не се сподели со јавноста.  Официјално ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија не е запозната со ништо за преговорите со Бугарија. Заев ништо и никогаш не побарал да ги образложи преговорите. Тоа што ние имаме контакти во Брисел, Стразбур, и Луксембург, е прашање од приватен карактер, но ние имаме институции каде е место да се дискутира – нагласи Николоски.

Според него решението за датум е повеќе сложено затоа прво мораме да јакнеме економски, второ е реформа на правосудниот систем и мора да ги користиме европските фондови, и четврто паметен пристап со Бугарија да не се ветуваат работи кои нема да се реализираат.


Николоски: Македонија со Заев нема да добие датум

Од различни причини Македонија не добива датум за преговори од 2018 година до денес. Сум ги споделувал во јавноста дали е тоа договорот да се влезе во иста група со Албанија, дали неспроведување на реформи, дали е тоа случајот Рекет, дали е тоа француската методологија, дали е бугарското вето, но тоа се фактите. За жал со оваа влада на Заев Македонија нема да има датум за преговори, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николоски потенцира дека Македонија со Заев не може да добие датум поради тоа што едно се кажува во јавност, а друго се ветува, едно се зборува на состаноци кога очекувањата се кренале на бугарска страна и сега не може да се реализираат, но и поради резерви на други земји членки заради недоволна борба со криминал и корупција

– Заев и Димитров како архитекти на двата договори вела дека сите проблеми со соседите се решени, гледаме дека проблемите со соседите продлабочени заради тие два договори. Основната грешка во двата договори е што нема никакви гаранции во однос на спроведувањето особено за посилните страни, а тоа се Бугарија и Грција затоа што двете се во ЕУ.  Човек треба да биде политички аматер или да има други намери да потпише договор во кој ќе нема заштитни и гарантни клаузули. Времената спогодба од 1995 имаше такви, но во овие два договори нема. Затоа нема никаква обврска за Бугарија да не спречува членство на Македонија во ЕУ. Во Договорот стои дека Бугарија ќе ја поддржи Македонија за членство во НАТО, и ќе ги сподели своите искуства во процесот за пристапување  во ЕУ. Тоа не е обврзувачка форма и затоа е ова сега – истакна Николоски.

Според Николоски не е само Бугарија која го кочи процесот на преговори, има и други земји кои мислат дека Македонија и Албанија не се спремни пред се во борба против организиран криминал и корупција, реформи на јавна администрација и начинот на спроведување на реформи во безбедносните служби.

– Бидејќи десетици одлуки се носат со консензус, има важни одлуки и за Бугарија, ако Македонија ги исполни своите обврски, земјите членки на ЕУ ќе има како да ја условат Бугарија да не ја блокира Македонија – рече Николоски.