Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, денеска се сретна со амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние.

Како што соопштија од партијата, на средбата Николовски истакнал дека во изминатите две години Владата предводена од СДСМ се посветила на реформите, ги решила отворените прашања и направила сериозен напредок во реформскиот процес, што е препознаено и нотирано и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.

– Бевме фокусирани на реформите дома, ги сработевме сите задачи, направивме значаен напредок во реформите, кои се важни за напредокот кон ЕУ, но пред се се важни и за нас како општество. Затоа, со право очекуваме овие успеси да бидат вистински вреднувани со почеток на преговорите за пристапување во ЕУ наскоро. Подготвени сме за почеток на процесот на преговори, подготвени сме за уште позасилено ангажирање на сите расположливи капацитети во реализација на реформите. Реформскиот процес ќе продолжи во интерес на иднината на државата и сите нејзини граѓани – рекол Николовски, соопштија од партијата.

Амбасадорот Тимоние посочил дека Македонија во изминатиот период направила многу во процесот на интеграција и доближувањето до ЕУ и НАТО и истовремено порачал дека е важно напредокот да продолжи, а тоа е можно со продолжување на реформските процеси.