Фото: Маја Јаневска-Илиева

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, вели дека според првичните резултати кои ги има партијата, тие имаат сигурна победа со огромно водство. Во однос на излезеноста, очекувањата се потврдени со оглед дека на гласање излегле над 50 отсто од граѓаните. Тој кажа дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера.

– Наскоро очекуваме први резултати од избирачките места. Со право очекуваме вечерва резултатите да ги потврдат бројните анкети и расположението на граѓаните за кое што бевме сведоци во текот на кампањата низ целата земја. Очекуваме сигурна победа за СДСМ и чист мандат за Коалицијата „Можеме“. Уште еднаш во оваа прилика им благодарам на граѓаните и институциите, бидејќи целиот изборен процес минаа во најдобар ред. Очекувам дека и другите политички субјекти ќе честитаат на институциите и државата за успешно спроведениот демократски, европски, изборен процес. Првичните резултати кои стигнат до мене од избирачките места, покажуваат огромно водство на СДСМ и коалицијата „Можеме“ – рече Николовски.

Тој им се заблагодари на сите граѓани кои со гласањето придонеле кон изборниот процес.

– Денеска имавме мирен, достоинствен и здравствено безбеден изборен ден, како што доликува на слободна, демократска, европска држава. Им благодарам на сите граѓани кои излегоа да гласаат почитувајќи ги мерките за заштита од коронавирусот и го дадоа својот придонес кон развојот на нашето демократско општество. Чинот на гласање е наш влог во демократскиот прогрес и напредок. Сведоци сме на демократски изборен процес. Во овие вонредни околности, уште еднаш потврдуваме дека нашите институции можат да се носат со сите предизвици, да обезбедат слободен, фер и демократски изборен процес – додаде Николовски.