Наредбата на САД е порака за сите оние коишто ги блокираат или сакаат да ги блокираат и кочат сите процеси во државата. Ова го истакна вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски, откако американскиот претседател, Џо Бајден, го прошири опсегот на санкции за поединци и организации од земјите на Западен Балкан, што ја загрозуваат стабилноста на регионот, а во декретот се додадени Преспанскиот и Охридскиот договор.

– Сè уште во детали го немаме видено овој документ, меѓутоа може да потенцирам дека граѓаните на Република Северна Македонија цврсто се одлучија да застанат и зад Охридскиот и зад Преспанскиот договор и тоа се темелите на овој нов пат, на ова модерно општество трансформирано по европски терк со стабилни меѓуетнички односи, ориентирано кон напредок, развој, интеграции – рече Николовски.

Вицепремиерот додаде дека наредбата е одлука на нашиот стратешки партнер САД која целосно ќе ја почитуваме и смета дека САД има причини зошто ова е потенцирано или ова се условите заедно со многу други во делот на корупцијата.