Денеска, по онлајн-координацијата со шефовите на регионалните изборни штабови на СДСМ, ви ги презентирам заклучоците до коишто дојдовме заеднички. Во име на СДСМ, во име на Централниот изборен штаб и во име на регионалните и општински изборни штабови во шесте изборни едници, им благодариме на граѓаните и на институциите за високото ниво на свест, подготвеност и одговорност при справувањето со ковид-19. Сега на сите ни е јасно дека преоѓаме во нова фаза, кога одиме кон нова нормалност на нашето живеење, нашето ново секојдневие, изјави Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ.

СДСМ ги повикува сите граѓани за уште поголема внимателност и посветеност при почитувањето на мерките и препораките.
– Само ако носиме заштитни маски и ако се држиме на 2 метри дистанца ќе можеме полека да го вратиме јавниот транспорт во поголема функционалност, компаниите ќе се вратат во погон, а наскоро ќе може да се активираат и дел од угостителските капацитети. Само на овој начин, преку обезбедена епидемиолошка контрола, преку строги протоколи за новата нормалност и преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може да зборуваме и за избори.

На македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро враќање на нормалниот колосек на европските интеграции. На македонските граѓани им треба почетокот на преговорите. На македонските граѓани им се потребни функционални институции, а пред се функционален парламент. Затоа, веднаш штом се стабилизира епидемијата, за што сме оптимисти дека брзо ќе се случи, а на основа на сите епидемиолошки и здравствени анализи на клучните надлежни институции и авторитети во здравството веднаш после тоа треба да се реализираат изборите, во првиот можен рок. Во моментот кога епидемиолозите и здравствените авторитети ќе проценат дека има услови за враќање на општествените текови во функција, изборите треба да станат реалност, што поскоро – истакна тој.

Николовски смета дека од здравствен аспект, најдобро е демократскиот избор на новиот македонски парламент и на новата македонска политичка влада со целокупна одговорност, да се случи во период кога короновирусот е совладан, а секако пред евентуална нова закана од повторно ширење на вирусот.

– Справувањето со пандемијата принудно го стопираше изборниот процес непосредно пред стартот на предизборната кампања. Скоро на крај од сите изборни дејствија којшто беа спроведени од страна на Државната изборна комисија Собранието сега не е во функција.

А, демократијата бара Собранието да ја контролира извршната власт и да биде на располагање за нови одлуки, со полн мандат од граѓаните. Тоа е причина повеќе да продолжиме по патот на обезбедување на новата нормалност, која веќе сите ја живееме. И веднаш штом здравството и епидемиолозите потврдат дека вирусот е под целосна контрола, треба да продолжи изборниот процес и изборните дејствија, онаму каде што застана на 12 април за веќе закажаните избори.  Маските и дистанцата со сигурност стануваат наше секојдневие, ќе треба да се навикнеме на овие мерки при сите активности во секој наш нареден ден.

Обврска за сите политички чинители е на прво место да го стават здравјето на граѓаните и интересот на државата. Одговорно е да се носат одлуки растеретени од личните и теснопартиски интереси, а ниту една политичка кариера не е поважна од граѓаните.Граѓаните прават јасна разлика меѓу одговорниот пристап и неодговорноста – додаде тој.